вести

Овоштари од Преспа не ги добиле ланските субвенции, ниту обесштетувањата од мразот

prespa

Земјоделци од Ресен се уште немаат добиено дел од ланските субвенции, ниту се обесштетени од мразот што ја зафати Преспа. Тие денеска го изразија својот револт пред Подрачната Единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостапанство, а се сретнаа и со градоначалникот Ѓоко Стрезовски.

– Со месеци и тука и во Скопје ни велат дека ќе се исплатат субвенциите и штетите, а пари нема. Поради доцнењето на исплатата по овие два основи, се наоѓаме во исклучително лоша економска состајба. За нас субвенциите се сериозна поддршка посебно после ланската година кога имавме мраз. Иако ни беше ветено од новиот министер дека веднаш ќе се исплатат штетите од лани, и после два месеца од тоа нема ништо, рече членот на Здружението на овоштари „Агро Преспа“ Никола Кузмановски.

Според претседателот на „Агро Преспа“ Зоран Илиевски, мразот уништи голем дел од јаболковите насади поради што преспанските овоштари се во мошне незавидна ситуација, а покрај обесштетувањето, не се исплатени и субвенциите за рурална подршка, како и двата денара за килограм предадени јаболка во домашни преработувачки капацитети.

Градоначалникот Стрезовски ги информира овоштарите дека Општината ги доставила до владините органи процените за штети кои ги направила општинската комисија во 2016 година.

– Некој што денеска се наоѓа на чело на државата, својата неспособност, неможност или несакање да ги исплати штетите од мразот не треба да ја прикрива зад обвинувања дека општинската комисија не ги доставила соодветните документи за проценка на штети. Еве ги доставите на елаборатите за штетите во Опшптина Ресен за 21-27 април 2016 година доставени на почетокот на септември лани до МЗШВ и до Министерството за Финасии, рече Стрезовски.

Здржението „Агро Преспа“ најави дека ако не се постапи по нивните барања, ќе се разгледа можноста за порадикално изразување на револтот.


 

а1он

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close