Пастрмката, крапот, кленот и гомнушката најзастапени во македонските реки и езера
Во риболовните основи што ги изработи Министерството за економија точно стои кои риби може да се најдат во одредени природни или вештачки езера, кои се најзастапени во реките, кога е дозволен риболов, колку рибници може да има на одреден слив или езеро и колку и каде може да се лови.
Министерството за земјоделство изработи риболовни основи за сите езера и водотеци во земјава. Некои од реките и езерата имаат постојани концесионери, но дел од нив дополнително ќе се издава под концесија. Во документите точно стои кои риби може да се најдат во одредени природни или вештачки езера, кои се најзастапени во реките, кога е дозволен риболов и колку рибници може да има на одреден слив или езеро. Во риболовните основи точно се знае како и колку може да се излови и во кои акумулации е дозволен стопански риболов, а каде може да се организира само рекреативен.
– Донесувањето на риболовните основи не значи и давање на рибите под концесија. Концесијата на рибите за вршење стопански и рекреативен риболов на сите риболовни води каде што е тоа пропишано е веќе доделена. Постапките за доделување концесија на рибите се реализираат во континуитет на оние риболовни води каде што нема концесионер или на водите каде што концесијата е завршена. Концесиите се доделуваат за период од шест години независно дали риболовната вода е риболовно подрачје (природни езера), риболовна или рекреативна зона (најчесто акумулации) или рекреативен ревир велат во ресорот.
Инаку, концесиите се предвидени за сите четири природни езера, за 18 вештачки и за сите реки. Реката Вардар е поделена на три слива и за секој поединечно е утврдено колку рибници може да се направат и какви типови риби може да се одгледуваат.
Риболовните основи за реката Вардар се направени по сливови (горен, среден и долен тек) поради нејзината должина и специфика. Во риболовните основи за сливовите се утврдени рекреативни ревири за кои се водат одделни постапки за доделување концесија. Концесијата на најголемиот дел од утврдените рекреативни ревири во риболовните основи е веќе доделена, но има и дел за која дополнително ќе се бараат концесионери велат во Министерството.
Ако се анализираат риболовните основи, може да се види дека најзастапена риба кај нас е македонската пастрмка, потоа крапот, кленот и рибата која е малку позната за јавноста со име вардарка или гомнушка. Во речиси сите риболовни основи има точно одредена температура на водата, кои риби со какви карактеристики се кога можат да се ловат и строго е утврдена големината на рибата која може да се лови.