fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Пчеларењето  не значи само собирање мед

Пчеларењето може да биде одлична можност за релаксација и квалитетно потрошено време, сè зависи кој што сака да постигне.Како најдобро да се потроши слободното време, а тоа позитивно да се одрази  и на себе и околината?  Ова било прашањето што младиот дипломиран геодетски инженер  Борче Крстески  од Крушево  си го поставувал, а по долги размислувања  заедно со својот татко носат одлука да купат пчели. Предизвиците биле големи бидејќи немале никакви пред знаења за оваа дејност.

Борче Крстески  е дипломиран геодетски инженер од Крушево кој веќе неколку години се занимава со пчеларење. Почнал со идеја тоа да  биде хоби на неговиот татко, заради занимација, но  помагајќи му  , малку по малку не осетил дека и тој самиот се навлекол на ова хоби и дека  по завршувањето на работните обврски патот води кон пчеларникот . Првичната замисла била како да се потроши квалитетно времето, а да не влијае на останатите активности, особено на ловот, кој е пасија на неговиот татко Велко Кртески. Почнале со пет сандаци пчели и никакво знаење за пчеларењето. Почнале да учат од почеток што и како треба да се работи.

– Прв услов што постави татко ми беше, да почни со некоја работа  што нема да му  смета на ловот ,оти е ловџија, а  ловната сезона почнува  од октомври  и трае до средината на март. Дојдовме на идеја да почнеме со пчели, оти таман ќе  заврши сезоната на лов ќе почне сезоната со пчелите, објаснува Борче.

Сурфање по интернетот, барање литература  и помош од пчелари

И двајцата биле лаици што се однесува на пчеларењето.  Немале никакви знаења и секоја помош била добредојдена. Борче не бил свесен за предизвиците и во каква авантура влегува. Вели дека му помогнал некој роднина на татко му од Кичево и комшија кој се занимавал со пчеларство. Долги консултации по телефон, запишување забелешки,  консултации и одење на пчеларникот  биле секојдневие со цел да се навлезе подобро кон пчеларењето. Купил литература, пребарувал по интернетот, секоја информација била добредојдена.

-На почеток не чувствував некој предизвик во пчелите и некоја страст да  учам  за нив, нивната структура, како се организирани и како функционираат. Како нешто ново, ми беше интересно да пробам, да видам за што станува збор. Бидејќи на моја иницијатива ги зедовме пчелите чувствував некоја одговорност и јас да помагам, за да не биде дека сум ја наметнал идејата и сум се тргнал настрана. Доста читав, барав информации  за да си олесниме некои работи бидејќи бевме почетници. Гледав земјоделски емисии, следев форуми на интернет секаде каде можев да слушнам совети и разни трикови од стари пчелари. Ни помагаа пчелари од овој крај . Често му се јавувавме на телефон,  бевме упорни, а  тие несебично  не учеа и ни помагаа. После една година учење бев поинформиран од татко ми  и чувствував  некоја одговорност за работата. Продолжив  да му помогам со цел да не ни пропадне претходно вложениот труд, раскажува Борче.

Искуството си го направило своето и од 5 сандаци  еве веќе шеста сезона семејството Кртески располага со над 50 сандаци. Пчеларникот им се наоѓа  на еколошки чиста локација, на 16 километри  од Крушево меѓу двете  села Долно Дивјаци и Кочишта. Произведуваат органски мед и за сега се фокусирани само на тој производ. Надморската висина од  850 метри овозможува пчелите да имаат паша од различни медоносни растенија сè додека тоа го  дозволуваат временските  прилики.

Како што вели Борче  не размислуваат да го зголемуваат бројот на сандаците и пчелните семејства за да може да одговорат на потребите на пчеларникот , а секако тоа да не им пречи на работните обврски. За сега татко и син се надополнуваат. Борче е вработен во Скопје, но секој викенд доаѓа во Крушево и оди на пчеларникот.  Доколку има потреба татко му Велко  оди  преку неделата. Токму заради овие обврски одлучиле да вадат само мед, а не  и други пчелини производи, бидејќи за тоа е потребно подолг престој   и работа на пчеларникот. Ова го потврди и неговиот татко.

-Не е само да се зголемува бројот на сандаци. Бобо е поупатен во теоријата, а јас преземам кога тој не може да дојди на пчеларникот. Сакам да биде сè како што треба и она што  им е потребно на пчелите да го направиме. За сè треба време од контрола, прихрана, третирање  итн. Со оваа бројка за сега  успеваме да одржуваме. Почнавме и дури можеме ќе работиме, вели Велко Кртески.

 

Продажба со допрен глас

Оваа сезона се задоволни од количината на произведен мед. Продажбата најчесто ја прават преку познаници, роднини и пријатели.

-Продажбата на медот за сега не е лоша, бидејќи работиме со мали количини. Млади  сме во ова област и за  сега обрнуваме внимание на одржување  на пчелините  друштвата во сандаците. Нас ни беше побитно да оставиме повеќе мед во сандаците, за да не ги изгубиме друштвата до пролет. Целата продажба ни е преку познаници, пријатели и роднини. Секако ние нудиме квалитет но не го продаваме по продавници или со огласи. Го продаваме по допрен глас. Така се шири кругот, тие што купиле еднаш повторно не бараат, вели Борче.

Во тек е дизајнирање на етикета за медот која планираат да ја имплементираат од следната сезона со што квалитетот на медот ќе стане препознатлив и по пакувањето. За сега пчеларењето им е само хоби, дали тоа вака ќе остане и во иднина, според нив  зависи од  потребното време што ќе треба да им го посветат на пчелите, бидејќи оваа дејност бара сериозна посветеност.

-Идните активности ќе ни зависат од работните ангажмани колку ќе имаме слободно време, За зголемување ќе размислуваме,  постепено во „од“  што би се рекло. Акцент ставаме на нашето време, а не на цената на медот, субвенциите или нешто трето. Ќе зависи колку ќе бидеме моќни  и физички спремни да ги работиме . Зависи и од временските услови, климатските промени кои се повеќе се чувствуваат, а не е помалку битна и исплатливоста. Во моментот не се пресудни ниту субвенциите. За сега со она што го добиваме успеваме да покриеме само дел од патните трошоци за одење до пчеларникот. Има трошоци,  обврски , но може и да се ужива кога се работи со мерак. Сметам дека е многу сериозна професија и дека државата треба многу повеќе да ги помага оние пчелари на кои ова им е професија, затоа што пчеларењето не значи само собирање мед и негова продажба. Тоа бара многу работа, посветеност и секако постојано инвестирање. Ако се знае дека животот на планетата зависи токму од пчелите, сметам дека е потребно да се направи многу повеќе за нивна заштита и создавање на услови за нивна непречена работа, рече Борче на крајот од разговорот  со Зелена берза.

 

Павлина Јовановска

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close