Пчеларството трета година по ред фрлено на колена
Крлежот ‘вароа’ уште еден проблем за пчеларите.
Лоша беше измината година за пчеларството во однос на приносите за мене, но и воопшто за пчеларите од цела Македонија. Со овие зборови го започна разговорот искусниот пчелар Павле Бошкоски кој е пчелар веќе 5 децении. Според него катастрофално е тоа што три години по ред, условите во природата се полоши и полоши со намалувања на приносите и ослабувања на пчелните семејства да кулминираа ланската година. Оваа година иако е проблематична пролетта, сепак се надеваат дека нема да биде толку лоша како претходните три за пчеларите. Овој оптимизам е заради потоплите јануарски, февруарски денови кои инаку вообичаено се ладни и со ниски температури од кои пчелите често страдаат, па не успеваат да ја презимат годината пред се од аспект на создавање на услови за развој на болести како ноземоза и слично. Но, по топлите почетни месеци повторно следуваше невообичаеното променливо време во месец март што ја врати природата како да е среде зима.
-Овие температури и временски услови кои ни ги донесе март направи големи штети во пчеларниците. Се работи за еден долг период на студени денови кои пчелите не можат да си ги дозволат кога веќе се развиени, има легло, кога има нови пчели и кога треба да одат во природата и да собираат тие заради времето и неповолните временски услови мора да седат во кошниците и не можеа да излегуваат. Ние како пчелари бевме за таа работа подготвени и им стававме прихрана и се што треба, но дел од овошната паша ни отиде во неповрат и од тоа немавме никакви придобивки за пчелите. Цветањето на кајсијата и сливата ‘џанка’ заминаа и тоа нема да се повтори до следната година што е изгубен полен и нектар неповратно, што се одразува не само на приносот туку и на развојот на самото пчелно семејство, рече Бошкоски пчелар и член на пчеларското здружение „Матица“ од Скопје.
Крлежот ‘вароа’ проблем за пчеларите
Освен студот во изминатиов период многу негативна појава со последици за пчеларството се и ветровите. Тие ги спречуваат пчелите да летаат, но и негативно влијаат на медоносните растенија, да не можат да медат, а од друга страна проследени со ниските температури придонесоа доста од цветовите да паднат што за пчеларите носи двојни, па и тројни загуби. Можеби постарите и пред се поискусни пчелари имаа помали загуби ако се спореди со оние кои изминативе години навлегле во ова производство со ентузијазам да станат пчелари. Се покажа како многу важно искуството во вакви години да се знае кои марки и кога да се преземат за да им се помогне на пчелите со што е можно помали загуби да го пребродат критичниот период. Факт е дека има и доста искусни пчелари кои заради ваквите три последователни лоши години размислуваат да го напуштат ова производство во кое трошоците и приходите се многу блиску и цела година се работи за да се вратат вложените средства. Оваа година сите пчелари на некој начин ја стартуваат со послаби пчелни друштва заради тоа што во месец август кога треба да се носат леглата со така наречените зимски пчели кои треба да преживеат и до 8 месеци и да ја пренесат врстата за од пролет да има нов развој тогаш немаше доволно храна во природата заради што многу е значајно пчеларите да имаат начин за вештачки да им помогнат на пчелните семејства во тој период. Затоа и имаме толку многу загуби на пчелни семејства особено во пониските и по сушни делови од земјава каде сушата е повеќе изразена и каде што немаше доволно нектарење на медоносните растенија. Дополнително проблематични беа и ниските температури во март кои достигнаа и до -6, во време кога има ново легло кое не може да го грее пчелното семејство.
-За несреќа и крлежот ‘вароа’ е проблем годинава. ‘Вароата’ всушност е и најекспонирана кога семејствата се слаби, а за да бидат уште послаби токму ‘вароата’ ја игра клучната улога. Како крлеж се впива во телото на пчелата правејќи на тој начин влезни ран и кои се погодни за развој на болести, вирусни или бактериски како што е ноземозата и слично. Затоа индикатор број еден од аспект на болестите од секогаш била ‘вароата’. Зимата кога нема нови јајца во пчеларникот кај ‘вароата’ се останати само мајките кои чекаат погодни моменти за да продолжат со носење на своите јајца. Затоа многу е важно наесен да се сведат на минимум бројот на крлежите за да се намали и нивниот потенцијал за развој напролет. Клучно е тука да се прекине синџирот што е можно повеќе за да се намали притисокот врз пчелите со првите пролетни денови. Оваа година за жал имаме многу крлежи и не знаме што е причината. Само претпоставки се дека топлите денови помогнаа да се развие, но тоа никој со сигурност не го знае, бидејќи тоа треба науката да го каже, а за жал кај нас немаме институт за пчеларство кој ќе ги следи овие работи и ќе ни кажува што да преземаме, предочува Бошкоски.
Тим на Зелена берза