вестиМакедонијаСоветиТоп вести

ПЕЧАТЕНО ИЗДАНИЕ Земјата како производствен фактор

Проф. д-р Борис Анакиев

Во земјоделството од првостепено значење се заштитата и стопанисувањето со земјата како производствен фактор. Земјоделското производство не може да се реализира без неа. Неограничено ширење на обработливата земја, просторно географски е невозможно. Според ФАО, вкупната сува површина за одгледување земјоделски култури е околу 3,2 милијарди хектари, а фактички се освоени 1,5 милијарда хектари. Постојано губење земја од ерозија, засолување и градење трајни објекти и друго се пресметува на околу 10 милиони хектари, кои налагаат освојување на 20-25 милиони хектари нови површини годишно. Уште во законите во Древен Вавилон се зборува за начините на владеење, распоредување и користење на земјоделската земја. Голем дел е посветен на давање под закуп, за што при непочитување на задолженијата од страна на земјоделецот кон сопственикот на земјата има строги санкции.

Во законите јасно се разгледани сите клаузули кај кои може да се појават конфликти помеѓу тој што ја обработува земјата и нејзиниот сопственик. Се забранува продажба на земјоделски парцели, бидејќи врховен сопственик е царот. Овие закони се типични за повеќето древни народи, бидејќи земјоделството е најважен занает од кој зависи благосостојбата на секоја држава. Затоа во Месопотамија, Египет и други древни цивилизации, земјоделската дејност им била доверена на селаните, не на робовите, заради земјоделската практика.

Економската теорија одделува важно место на проблемот на земјата, како производствен фактор, во повеќе школи од разни историски периоди. Според класичната економска теорија – земјата, капиталот и трудот се три најважни производствени фактори. Според Рикардо, плодоредот и квалитетот на земјата се основни детерминанти на нејзината цена и рента. Според Тјунен, важни карактеристики исто така се местоположбата на земјата и нејзината оддалеченост од пазарот на земјоделските производи, т.е. транспортните трошоци имаат влијание врз рентабилноста на продукцијата. Кога ја истражуваше додадената вредност во 19 век, Маркс мораше да го определува нејзиното декомпозирање на добивки, рента и камата. Рентата ја разгледува како превртени форми на додадената вредност во земјоделството. Неокласичната школа продолжува да ги разгледува производствените функции и да ја третира земјата по аналоген начин.

Во индустриската епоха значењето на земјата се изместува од развој на техниката и технологијата. Можноста земјата да биде вреднувана и придодадена на капиталот е во основата на производствената функција.
Во постиндустриското општество значењето на земјата, капиталот и трудот се разгледуваат во врска со нивната способност да создаваат доход и богатство. Во времето на градење на социјалистичкиот модел во развој на земјоделството, предвидувањата на Маркс и претставниците на буржоаската политичка економија за победа на крупното земјоделство и на крупните модерни земјоделски претпријатија не се остварија.

Историската практика налага индивидуално семејно земјоделско стопанство од фармерски тип како најефикасна форма во контекст на сестрани промени во економијата, во технологијата, на различни видови кооперативни и други здруженија. Оваа тенденција беше јасно промовирана по Втората светска војна. Но политиката во источноевропските земји беше насочена кон поопштествување на земјата и земјоделското производство. Тезата забележа значителен успех во земјоделството.

Потребата од приватизацијата на сите ресурси користени во земјоделството, ослободувањето на цените на сите вложувања и производи беа на дневен ред од 1990 година во земјите од Централна и Источна Европа. За крајна цел на приватизацијата на земјата, која се користи за земјоделските потреби, природните ресурси, животните, земјоделските структури и средствата за работа да поминат во приватна сопственост. Тоа е претпоставка, но не и единствен услов за ефективно користење на земјата.

Седумдесет години по промените во аграрната дејност, проблемот на земјата како производствен фактор наоѓа своја задолжителност во развојот преку нова нормативна рамка и нејзина примена во економската дејност, хармонизирана со барањата и логиката на европските и националните пазарни стратегии. Значењето на факторот земја во создавањето на доходот може да се оцени преку корелациско-регресивна анализа за да се елиминира или да се намали влијанието на низа фактори, како што се инфлација, камати, валути, курсеви и друго.


 

novamakedonija.com.mk

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close