fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Државата сака да управува и со приватниот имот?!

На повидок нова национализација?!

ПОД ПЛАШТОТ НА ПОГОЛЕМО ЗЕМЈОДЕЛСКО ПРОИЗВОДСТВО НА ПОВИДОК НОВА НАЦИОНАЛИЗАЦИЈА

Министерството за земјоделство неодамна промовира неколку идеи за зголемено земјоделско производство, со што ја почна „големата битка за храна“ во услови кога растат цените на земјоделските производи на светскиот пазар. Во пакетот мерки за поттикнување на земјоделското производство, покрај новиот модел на субвенционирање, влегува и иницијативата за носење измени на Законот за земјоделското земјиште, со кој државата ќе може да го дава на користење приватното необработливо или напуштено земјиште. Како што изјави министерот за земјоделство Љупчо Николовски, од стручните служби работат на модалитетите и критериумите со кои би можело да се искористи необработливото земјиште со кое располагаат граѓаните.
Професорот на Земјоделскиот факултет во Скопје, Ордан Чукалиев објаснува дека оваа законска промена би можела да придонесе за подобро искористување на обработливото земјиште и за зголемување на домашното производство на храна, а ваквата практика е присутна во земјите од Европската Унија.
– Основниот проблем, во случај на вакви неискористени површини во приватна сопственост, се придружните нуспојави, кои негативно се одразуваат на другите обработливи површини. На земјиштето што не се обработува се шират разни други растенија, како плевел и слично, кои ги загрозуваат соседните површини. Во така обраснати парцели се кријат и штетници, што бара дополнителна хемиска заштита на посевите или овошките. Тоа ги зголемува трошоците на земјоделското производство на површините што се обработени, а се одразува и на родноста.

Лично сметам дека е позитивно тоа да се „одземаат“ приватните и необработени земјоделски земјишта, но тоа да биде преку други мерки, во смисла на поголеми даноци на необработени површини. Но, според мене, за да се искористи овој земјишен потенцијал што е во приватна сопственост, мора да постојат и јасно утврдени критериуми, како тоа подобро да бидат искористени. Не може да се дозволи да има нејасни критериуми за користење на овие површини. Не може приватното земјиште да му се дава на иден корисник доколку не се воспостават и услови за користење на тоа земјиште. Не смее да се дозволи приватното земјиште да биде искористено и потоа тоа да биде вратено со послаб квалитет од кога било преземено – ни изјави професорот Чукалиев.
Најновата иницијатива за искористување на приватното обработливо земјиште, нашиот соговорник ја става во контекст и на давањето на државното земјоделско земјиште под концесија на приватни лица и на компании. Основниот проблем овде е како сега се искористува тоа земјиште и дали концесионерите ги исполнуваат обврските што се преземени при преземањето на користењето на земјоделските површини.
– Ја поддржувам секоја иницијатива што е во насока на зголемено производство на домашна храна. Неопходна е поголема контрола за тоа дали земјиштето се користи за вистинската намена, односно дали се води грижа за одржување на плодноста на земјиштето и дали има зголемување на производството и, конечно, дали тоа не се користи за други намени. Евентуалното учество и на странски инвеститори може да биде корисно за развојот на домашното земјоделско производство. Како пример може да послужи и Полска, каде што големите земјоделски површини се обработувани од големи германски компании. Но мораме да внимаваме кој сѐ може да влезе во искористувањето на вака значаен природен ресурс со кој располага нашата држава – вели професорот Ордан Чукалиев.

Сепак, од правен аспекти има мноштво недоумици и контроверзии во врска со предложената мерка. Правните експерти се децидни дека правото на сопственост е уставно загарантирана категорија и никој не смее да го повреди. Во ваквите најави за одземање приватно земјиште и давање на користење на други лица правниците препознаваат своевиден обид на нова национализација, нешто што државата скапо ја чинеше во минатото, па беше спроведена и денационализација и беа обесштетувани граѓаните чии имоти биле неправедно одземани. Нешто слично не смее да се повтори никогаш. Ничиј приватен имот не може да биде одземен или загрозен доколку е стекнат по законски пат. Приватната сопственост е неприкосновена, категорични се правните експерти.
Во земјава имаме 540 илјади хектари земјоделско земјиште, од кои моментно не се обработуваат 85 илјади хектари државно земјиште и дополнителни 90 илјади хектари приватно земјиште. Од Министерството за земјоделство најавуваат детални анализи. Во претходните години Владата одржа јавна расправа за содржината на нацрт-законот за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Според евиденцијата на Агенцијата за катастар на недвижности, околу 577.000 хектари се класифицирани како обработливо земјиште во земјата.

Од оваа површина, околу 240.000 хектари, или 41отсто, се во државна сопственост и управувани од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Од нив, околу 100.000 хектари не се управуваат активно и не се користат за земјоделско производство.
Во голем број од земјите-членки на Европската Унија, пак, не е дозволена продажба на земјоделско земјиште за кое сопственоста ја има државата. Од претходната влада беше најавено дека, преку продажба на државно земјоделско земјиште, во буџетот би се инкасирале до 300 милиони евра, проценувајќи дека вкупната вредност на земјиштето што го поседува државата, а има потенцијал за одгледување земјоделски култури или за пасишта, достигнува до 2,5 милијарди евра. Според тоа што беше кажано претходно, би се одело на продажба на петнаесетина проценти од вкупниот фонд.https://novamakedonija.com.mk/

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close