fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Пекарите контра земјоделците: Нека направат леб за 20 денари, ќе им го купиме целото производство!

Пекарите не се согласуваат со Асоцијацијата на земјоделците

Несериозни и без соодветна анализа се барањата на Асоцијацијата на земјоделците една векна леб да чини 20 денари, вели за „Слободен печат“ Горан Георгиевски од Агро-бизнис комората при ССК. Според Георгиевски, дури и сегашната цена на основниот леб, кој чини од 29 до 34 денари, не обезбедува никаква рентабилност и ако се земат предвид сите фактори, ваквиот леб треба да чини меѓу 50 и 60 денари.

Тој им упати контра предлог на земјоделците – да отворат пекарница и да почнат да печат леб по 20 денари, а тој ќе им го купи целото производство по цената што тие тврдат дека е реална. Од Асоцијацијата на земјоделци во неколку наврати истакнаа дека при ниска цена на пченицата од 9 до 11 денари, цената на лебот од 30 до 35 денари за една векна со различна тежина била висока. Потребите на земјава од пченица се околу 360.000 тони, а производството, според Асоцијацијата на земјоделци и фармери, е околу 230.000 тони. Другото се увезува од соседните земји.

– Не сакам да навлегувам во сериозноста на овие тврдења, бидејќи оние што прават вакви математики, очигледно не го познаат процесот на производство од набавката на брашното, па сè до печењето на лебот и неговиот пат до рафтовите во продавниците. Ова го зборувам од аспект на сите трошоци, а годинава за првпат дојдовме до ситуација кога учеството на материјалните трошоци во конкретниот производ, сега е помало од трошоците за работната рака. Поточно материјалните трошоци сега изнесуваат 34 отсто од цената на лебот, а работната сила навлезе со над 41 отсто. Порано лебот се нудеше непакуван, а сега мора да го исечете на парчиња, да го завиткате во соодветна амбалажа, да го дистрибуирате. Тука се и тековните технички одржувања на машините, на опремата и транспортот. Сите сме заглавени во кредити со камати, провизии, трошоци. Не бегам од соочување, но ова е несериозно – објаснува Георгиевски.

Претходните анализи на Министерството за економија покажаа дека за една векна леб од 450 грама, трошоците (брашно, вода, квасец, сол) учествуваат со 9,5 денари, струјата и работната рака (со 60 отсто), транспортот и пакувањето со 6 денари, а со тоа вкупната производствена цена е 21,2 денари. На тоа треба да се додаде заработката на пекарниците од 6 денари, по што влезната цена во маркетите е 27,2 денари и на тоа треба да се додаде маржата од 5 отсто и ДДВ од 5 отсто за да се добие крајната цена од триесетина денари.

Домашните производители на леб не се согласија ни со пресметката на Евростат дека во Македонија во последните пет години лебот поскапел за 65 отсто, што е едно од наголемите поскапувања на овој производ меѓу европските земји.

Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при СКСМ, неодамна рече дека цената на лебот во овој период е зголемена за само 23 отсто, што е реално кога ќе се земат предвид цените на струјата, платите за вработените и флуктуациите на пазарот на пченица. Малишиќ контра пресметката на Евростат беше убеден дека во Македонија лебот е најевтин во светот.

– Пекарството е занает со „девет корки“, а сите си земаат за право да критикуваат. Се бориме со зголемените трошоци, но најважно од сè што немаме квалификувана работна сила. Сите пекарници работат на работ на рентабилноста, а згора на тоа секои два-три дена примаме и отпуштаме работници. Да, лебот пред пет години чинеше 28 денари, но тогаш немавме фолии за пакување, специјални машини за сечење леб и други модерни машини, па моравме да земеме огромни кредити за да го следиме светскиот тренд. Згора на тоа, сите молчат и за уште ден огромен проблем, а тоа е фактот дека се бориме со растечка сива економија во браншата и никој не сака да каже дека 50 отсто од лебот во Македонија оди на црно – брифираа за нашиот весник и од фурна „Диме“.

Извор https://www.slobodenpecat.mk/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close