Пекарите од денес ќе испорачуваат леб и по 33 денари
Битката со Владата продолжува на правна основа, велат пекарите.
Пекарската индустрија од денес ќе почне да испорачува бел и полубел леб од 33 денари, но ќе поведе и судска постапка за наплата на штетата што ја претрпува од владината одлука за замрзнувањето на цената на лебот. Како што изјави претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија Горан Малишиќ, компаниите максимално ги почитувале мерките за поддршка, а Владата донела неуставна и незаконска одлука со која до 31 мај ќе им нанесе штета од над 4,5 милиони евра.
-Битката со Владата продолжува на правна основа. Одлуките што таа ги донесе на месечно ниво ни прават штета од преку 1,5 милиони евра. Во наредните три месеци ќе бараме начин да опстанеме, а од утре ќе почнеме да испорачуваме леб за да им излеземе во пресрет на граѓаните, потенцира Горан Малишиќ од пекарската индустрија .