Пелистер-планина со величествена убавина
Она што го има Пелистер го нема никаде во светот.
Природни убавини, бистри изворски води, алпски терени, моликови шуми, карпести површини, ендемични животински и растителни видови и безброј други реткости, меѓу кои и глацијалните езера наречени Пелистерски Очи, се убавините кои треба да се посетат, доживеат и почувствуваат на планинскиот убавец Пелистер на Баба Планина. До сите предели се пристигнува по достапни патишта и маркирани патеки од повеќе страни на Битолскиот и Преспанскиот Регион. Од Битола кон Пелистер се искачува од селата Ниже Поле, Трново, Магарево, Маловиште, Цапари и Ротино… Од Преспа од Брајчино, Крани, Арвати…
Искачувањето на Пелистер е голем предизвик за сите планинари, љубители на природата, освојувачи на највисоките места.
-Туристичката посета на НП „Пелистер“ е најчесто индивидуална, и претежно од битолчани. Има и организирани групи, но поретко, и најчесто тие се поврзани со маркетингот на хотел „Молика,“ или некои од битолските туристички агенции. Во изминатите лета, најчести посетители биле туристите кои летувале во Охрид, пред се Холанѓани, Израелци, и други, зависно од каде биле најбројни, таа година. Доста често, голем број наши иселеници, дојдени во посета во родниот крај го посетувале Пелистер, заради атрактивноста, заради носталгијата… Со престанок на работа на Детското одморалиште, од пред неколку години, намален е и бројот на посети од нашата држава, бидејќи додека тука летуваа или зимуваа деца од градовите од Македонија, во посета им доаѓаа и нивните родители што влијаеше бројката да не се сведува само на посетители од Битола. Инаку годишно според проценки на Паркот, бројката на посетители варира помеѓу 30-35.000 илјади, вклучувајќи ги и еднодневните посети на битолчани, рече Пеце Цветановски, портпарол на НП „Пелистер“-Битола за „Зелена берза“.
Ако се заљубите во пелистерските езера, таа заљубеност нема никогаш да ве напушти
Езера на бистра вода
Големо Езеро се наоѓа на надморска височина од 2.218 м., долго е 223 м. и широко 162 м., со длабочина од 14,5 м. Малото Езеро лежи на 2.180 м.н.в., долго е 79 м. и широко 68 м., со длабочина од 2,6 м. Оддалечено е само 2 км. од Големото Езеро, но тие никогаш не можат да се видат заедно.
Зошто?
Легендата вели дека Горските очи биле солзи на две сестри кои се вљубиле во исто момче – Пелистер. Но, мајката не дозволила ниту една од нив да се омажи за него, ги протерала на планина и ги проколнала секогаш да бидат блиску една до друга, но, никогаш да не можат да се видат. Скитајќи низ планината, едната сестра стигнала на местото каде што сега се наоѓа Големото, а другата Малото Езеро. И двете скршени од болка по несудената љубов, пролеале толку многу солзи што од нив се создале двете прекрасни езера.
На брегот на Големо Езеро е изграден планинарскиот дом „Димитар Илиевски-Мурато“, според првиот македонски освојувач на Монт Еверест. За искачување до Големо Езеро постојат неколку маркирани патеки и еден планински пат, а тоа трае од 3 до 6 часа во зависност од тоа, по која патека сте решиле да одите. Од селото Ниже Поле преку Дебел Рид, од патеката по Камењарот, која изобилува со камени делници, или од западната страна по патеката позната како Болници, која прво минува низ борови шуми, изворишта и камени остатоци на бугарските војски од Првата светска војна.
Јоргов Камен
Јоргов Камен е каменесто врвче на 1744 м.н.в., до кое се стигнува од страната на Копанки. Прво, патеката оди по мала нагорнина, се стигнува до мала рекичка која лесно се преминува, и се продолжува кон Јоргов Камен. Одејќи право, патеката води до една грамада од високи камења кои го носат заедничкото име Јоргов Камен. Можно е да планинарите и по друга патека, ако тргнете од селото Магарево, и се искачувате покрај Магаревска Река.
Според Ѓорги Димовски-Цолев, кој ги обработил топонимите на Пелистер, за името на Јоргов Камен постојат две легенди. Едната кажува како некој, од љубовта разочаран Јорго, се фрлил од камењето в провалија и се самоубил, а другата пак, е врзана за името Јорго, овчар, кој идел на тоа место со своите овци на паша. Инаку месноста дава убав видик кон Битола.
Црвени Стени
Црвени Стени се наоѓаат на висина од 1750 м.н.в., и до нив се стигнува ако од Јоргов Камен се тргне по малата патека нагоре. Оваа месност е мошне посетена зашто дава прекрасни видици, на повеќе страни. Името го добила по црвенилото врз огромните карпи од разни лишаи, кои од далеку даваат црвеникава боја, пишува професорот Ѓорги Димовски-Цолев. Бидејќи на дел од тој простор во Првата светска војна се случила најголемата битка меѓу сојузничките војски на Антантата (најмногу француската) и Централните сили (најмногу бугарската) се проширила легендата дека стените биле обоени со крвта на околу 6.000 војници загинати во битката на тие стени.
-Последниве денови Црвени Стени стануваат посебна атракција заради поставениот статичен двоглед, преку кој целата долина на реката Сапунџица, до Орлови Бари и кон Пелагонија и Битола се гледа како на дланка и многу одблиску, вели Пеце Цветановски, портпарол на НП „Пелистер“. Ист таков двоглед е поставен и на Антена, близу до споменикот на Мурато, што значи дека и таму се очекува зголемена посета на планинари и љубители на планината. Инаку двогледите се добиени преку проектот И-ТУР, за развој на туризмот во прекуграничниот регион со Република Грција, добиен со програма на ИПА, а каде носител на проектот е Центарот за развој на Пелагонискиот Регион, а НП „Пелистер“-Битола е партнер.
Орлови Бари
Орлови Бари се наоѓаат на 2100 м.н.в. До Орлови Бари се доаѓа од селото Ниже Поле по тесни патеки, низ живописна природа. Кога се стигнува до споменатата месност, пред посетителот се појавува една голема амфитеатрална ширина во чија „орхестра” некогаш имало доста вода, а пак во сегашни дни местото е суво или влажно, во зависност од временските прилики. Името му доаѓа од тоа што, ако месноста е водлеста личи на бара, голема бара, од каде орлите пијат вода, пишува професорот Ѓорги Димовски-Цолев.
Анета Блажевска