Пелистерската битка на Црвени Стени
Денес и после еден век, се уште постојат и сведочат бројните остатоци за борбите кои се воделе на овие простори за време на Големата војна. Присутни се во голем број разни утврдувања и бункери. Тие будат интерес кај многубројните посетители.
Една од омилените патеки и дестинации во Националниот парк Пелистер несомнено претставува патеката која што води до Црвени Стени. Оваа релативно лесна патека може без некој посебен и поголем напор да ја совладаат поголемиот број на рекреативци и добронамерници. Најчестата маршрута која обично се користи почнува од хотелот „Молика“, потоа преку Копанки и Јоргов Камен, и по изминати околу два часа се пристигнува до саканата дестинација. Секој што овде ќе пристигне ќе биде награден со извонреден видиковец од 1800 метри надморска височина. Погледот од Црвени Стени овозможува прекрасна глетка на Пелагониско Поле, како и на градот Битола кој е живописно распослан во подножјето на Баба Планина. На ова прекрасно место кое претставува рај за нашите сетила, во текот на далечната 1917 година, се одвивале крвави борби во кои биле запечатени многу човечки судбини.
За време на Големата војна од 12 март до 26 мај 1917 година, овде се случиле едни од најкрвавите борби на Македонскиот фронт. Во мемоарите на француската армија оваа битка е позната како Пелистерска битка, додека во бугарската воена литература е позната како Македонска шипка или Битката за црвената стена. На бугарско-германските позиции на Црвените Стени, како и на котата 1248 се испукани околу 200.000 гранати од страна на силите на Антантата. Ова гранатирање не вродило со голем плод поради тоа што војниците од спротивната страна добро се засолниле во бетонски бункери. Позициите на значително помалубројните бугарско-германски сили, потоа биле атакувани од пет француски дивизии. Овие француски дивизии биле потпомогнати со една албанска единица лојална на Есад Паша како и грчка единица која била лојална на Елефтерос Венизелос. На 18 март поради недостаток на муниција бугарската армија била приморана позициите на Црвени Стени да ги брани со фрлање на камења и стебла врз противникот. Како резултат на ваквиот недостиг на крајот на март морале и да ги напуштат своите позиции.
Во текот на месец мај, германската армија донела огнофрлачи кои претходно биле успешно користени на Западениот фронт, место каде што загубите на завојуваните страни биле колосални. Само на 18 мај, со употребата на овие огнофрлачи и претходна артилериска подготовка смртта на ужасен начин во рововите ја дочекале 5.700 француски војници. Само 2 офицери и 259 војници го преживеале нападот и истите биле заробени. Се смета дека вкупните загуби на француските сили биле од 40-75% од личниот состав, додека вкупните загуби на спротивната страна иако помали не се познати. На 18 мај 1917 година, Црвени Стени биле повторно освоени од страна на Централните сили.
Оваа битка според војните аналитичари претставува неуспешна француска офанзива врз бугарско-германските утврдувања. Битката има епски карактер во бугарската војна историја. Се до крајот на војната и пробивот на фронтот во септември 1918 година, бугарско-германските сили ги задржале позициите на Пелистер.
Денес и после еден век, се уште постојат и сведочат бројните остатоци за борбите кои се воделе на овие простори за време на Големата војна. Присутни се во голем број разни утврдувања и бункери. Тие будат интерес кај многубројните посетители. Овие остатоци покрај планинските содржини кои ги нуди Пелистер претставуваат наше меморијално богатство кое треба трајно да го заштитиме и негуваме.
Фотографија и текст: Игор Петровски