Пламеница се заканува да го уништи тутунот, а земјоделците не можат да го осигурат родот, се жали тутунарот Јоце Здравески од Мусинци

(Oвој напис е објавен на: July 6, 2018)

Пламеница се заканува да го уништи тутунот во Пелагонискиот регион. Жешкото сонце после дождот  му наштети  на  родот што значително ќе влијае на откупната цена и проценката на тутунот по класи, предупредува Јоце Здравески, земјоделец од селото Мусинци, Општина Могила.

Здравески заедно со своето семејство обработува 30 погони земјоделско земјиште вклучително и ливади. Најголем дел од нивите, или околу 13 погони, годинава ги засади со тутун, но се жали дека иако има род, квалитетот е доведен во прашање.

-Годинава тешка е работата со тутунот, многу врнеше, дождот беше добредојден, но жешкото сонце отпосле си го направи своето. Листот е голем, израснат, ама веќе е заболен со пламеница. Стравувам декаи покрај добриот род  поради болеста откупната цена ќе биде значително пониска, реагира Здравески во разговор за „Зелена берза“.

И токму ова не е единствениот проблем на овој фармер, неговите забелешки се директно упатени до осигурителните компании кои какулираат со осигурувањето на посевите на земјоделците.

-Како државата ќе не заштите пред осигурителните компании? Ова е моето прашање, бидејќи од една страна ни велат осигурајте се од временски неприлики, а од друга страна не оставаат незаштитени пред компаниите кои по своја желба  прават осигурувања за нашите ниви. Еве, јас веќе неколку години ги осигурував  нивите, годинава кога го посадив тутунот и сакав да уплатам за полиса  од осигурителната компанија не прифатија да ми направат договор. Ми кажаа- чекај да видиме какво ќе биде времето. Ако времето е убаво ќе те осигурат, ако не, тогаш не прифаќаат. Како може вака да си играат со нас земјоделците?, револтиран е Здравески.

Минатата година за осигурување на посевите со тутун  и бостан платил 50 000 денари. Шетите намало, но оваа година поради градот и поројните дождови, не успеал да се осигура.

-Прво компаниите прашуваа од кое село си, дали е ризичен реонот, па и лично дојдоа во нивите и одбија да ми направат полиса. Уште еднаш кажувам тука државата мора да реагира и да не заштити, апелира Здравески.

Покрај тутун, ова семејството по два погони сади  бостан  и пипер и на три погони зелка.

 

-Со ИПАРД програмата зедов трактор и механизација и бев обврзан да садам наизменично пет години пипер и зелка. Верувајте тоа се тешки култури за одгледување. Пиперот бара многу вода и грижа за да успеа, а така е и со зелката. Тоа се култури за кои однапред немаш организиран пласман и секогаш работиш на среќа или на ризик. Пиперот нема организиран откуп ,а кога ќе го набереш трае само 5 дена , ако не го продадеш го фрлаш. Од друга страна, 13 денари за килограм пипер е смешна цена. За  пиперот направив бушотина и од дома носам 600 метри црево да го наводнувам, зошто нашиот реон не е опфатен со хидросистемот „Стрежево“. Трудот и трошок се големи, а родот  ризичен, се пожали Здравески.

Што се однесува до лубениците, нашиот земјоделец вели  дека лани собрал 7 тони бостан, го продал за 10 денари од килограм, што според него е добра цена. Годинава пак, за да успее, три пати го пресадувал, бидејќи поројните дождови постојано правеле штета.

-Цената лани се исплати, иако самата продажба е проблематична . Гледате и самите што се случува со откупот на бостанот во струмичко. Практично нема откуп. Како земјоделец сам го продавам бостанот  во Битола и Прилеп. На пазар можам да останам ден до два зошто назат в селото ме чака тутунот и другите  ниви. Многу од нас земјоделците што произведуваме бостан  и немаме тезги на пазарите се соочуваме со големи казни од полицијата. Таа работа мора да се регулира за да немаме дополнителна штета, вели Здравески.

Семејството Здравески брои шест члена и сите од најстаро до најмладо секој на свој начин  работат  на нивите и  се ангажираат околу  земјоделието. Јоце има три деца, а вели дека поголемите две иако се средношколци  учат и им помагаат на родителите.

-Децата учат и работат со нас,  инаку не се стига, нашата егзистенција е од земјоделие. А знаете од земјоделие се живее со зорт . Не сме заштитени од државата, иако ни дава помош во субвенции. Секоја година секое производство е како мачка во вреќа. Се што ќе посадиш е на ризик или ако сакате на среќа. За бостанот се молам на Господ дали ќе се фати, дали ќе даде род , дали градот  ќе го покоси родот? Се’ се тоа стравувања, за кои државата мора да стави рака. Потта наша и трудот мора да се исплатат, потенцира Здравески.

„Зелена берза“

Share Button