вести

Почна обуката на кандидатите за грантовите за воведување на агроеколошки мерки

Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во рамките на „Проектот за управување со сливот на реката Струмица“, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка почна со обука на земјоделците – кандидати за грантови за воведување на агроеколошки мерки.

pochna obuka na kandidatite za grantovite za voveduvanje na agroekoloshki merki

 

Обуката ќе содржи интензивен теоретски и практичен дел и ќе трае до октомври оваа година. Средствата ќе ги добијат најдобрите учесници на обуките кои успешно ќе го положат тестот на знаење

Добитниците на грантови во висина до 300.000 денари ќе бидат прогласени во текот на ноември/декември 2016 година.

Во обуките ќе се вклучат повеќе од 60 земјоделски производители. Од нив, во рамките на првиот циклус на грант програмата, ќе бидат избрани 10 производители на сливи, јаболка и круши од регионот на Радовиш и Конче и 20 производители на пиперки и домати (на отворено и затворено) од регионот на Струмица, Ново Село, Василево и Босилово.

Изборот на кандидатите ќе се изврши според претходно дефинирани критериуми, вклучувајќи и стручна проценка на придонесот на насадите и предвидените мерки кон заштитата на водните ресурси во сливот на река Струмица.

“Веќе од наредната производна сезона, добитниците на грантовите, под надзор на стручни тимови ангажирани од страна на УНДП, ќе го обработуваат земјиштето и вршат заштитата на културите според новите агроеколошки мерки. На крајот од сезоната ќе се споредуваат постигнатите резултати по новите и старите методи на производство”, изјави Димитрија Сековски, раководител на проектот.

“Очекувањата се дека оваа промена на земјоделските практики ќе придонесе кон зголемување на приносите и намалување на примената на агрохемикалиите и водата за наводнување, со што директно ќе се намалат производните трошоци, како и влијанието врз животната средина”, вели Сековски.

Поддршката за земјоделците ќе биде преку набавка на современа земјоделска опрема, како што се системи за микронаводнување, уреди за следење на влажност во почвата, системи за фертиригација, опрема за следење на појавата на болести и штетници итн.

За сите избрани земјоделски површини ќе се направат детални почвени анализи, врз основа на кои ќе се изработуваат програмите за наводнување и исхрана на културите. Идејата на програмата е избраните пилот фарми да станат пример за современо и одржливо земјоделско производство, што ќе може понатаму да се пресликува на многу поголема земјоделска површина во сливното подрачје.

“Проектот за управување со сливот на река Струмица” има за цел да воведе сеопфатни мерки со кои значително ќе се подобри еколошкиот статус на водните тела и целокупното сливно подрачје.

Во партнерство со локалните земјоделски производители, ќе се спроведат активности за зголемување на конкурентноста на земјоделското производство во регионот и намалување на неговото влијание врз животната средина, преку воведувањето на современи, агроеколошки мерки.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close