Почна со работа новата фабрика на Киел во Македонија
Фабриката на германска компанија Киел е во ТИРЗ зоната на НОРМАК во Тетово.
Со добивањето дозвола почна со работа втората фабрика на германска компанија Киел Македонија во ТИРЗ зоната на НОРМАК во Тетово.По тој повод Владимир Стефановски, плант менаџер на Киел Македонија, изјави дека со ова Владата на Македонија покажува дека останува цврсто на патот на поддршка на странските инвестициите како значаен двигател на економијата.
„Тоа е особено битно за нас странските инвеститори да знаеме дека имаме партнер и сигурност во нашето работење. Сакам да потсетам дека Киел како група е лидер во производство на седишта за возови и автобуси во Европа со историја од повеќе од 75 години. Како битен сегмент од групата, Киел Македонија постои од 2017 година и во моментот годишно произведува околу 50-60 илјади седишта за возови и автобуси“, изјави Стефановски.
Новиот објект е на 8.500 квадратни метри и досегашна инвестиција изнесува преку шест милиони евра, што претставува голем чекор и можност за дополнително проширување на операциите на компанијата.
„Веќе стартувавме со припрема за работа на нови операции во делот на заварување и фарбање како дел од планот за наше проширување. Со тоа ќе можеме со гордост да истакнеме дека ќе изработуваме седишта речиси во целост ‘made in Macedonia’. Со искусен и посветен тим, работиме на наше постојано усовршување и развој за да го подобруваме квалитетот на нашите производи. Киел Мк е посветена на испорака на најдобрите производи и услуги на нашите ценети клиенти, гиганти во својата област како: Сименс, Штадлер, Ванхол Вдл и Алстом“, соопшти компанијата.
Киел Македнија во зоната во ТИРЗ Тетово има уште два плаца кои чекаат да бидат искористени за проширување на производството.