Почна пријавувањето за субвенции за печки на пелети
Правото на учество, критериумите, начинот на остварувањето на правото на надоместок, како и начинот на спроведување на повикот се утврдени со јавниот повик кој е објавен на веб-страницата на Град Скопје.
Пријавувањето за надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на Град Скопје за купување печки на пелети за 2017 година почнува од денеска и ќе трае до 13 март годинава. Надоместот ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен’’, информира Град Скопје.
Правото на учество, критериумите, начинот на остварувањето на правото на надоместок, како и начинот на спроведување на повикот се утврдени со јавниот повик кој е објавен на веб-страницата на Град Скопје.
Град Скопје апелира до потенцијалните учесници на јавниот повик пред поднесувањето на документацијата внимателно да ги прочитаат начинот, условите и критериумите за учество, па потоа со целосно комплетирана документација, согласно со правилата да поднесат барање за надоместок на дел од трошоците.
Ова е втор јавен повик за надоместок на трошоци за набавка на печки на пелети. Првиот беше објавен минатата година и беше субвенционирана набавката на печки на 196 граѓани, а Град Скопје за овој проект имаше обезбедено 5.896.000 денари, велат од Градот и додаваат дека за годинава за надоместок на дел од трошоците за набавка на печка на пелети се обезбедени 10 милиони денари.