Помор на пастрмка во горниот тек на реката Треска
Во горниот тек на реката Треска деновиве е забележан помор на рибниот подмладок на автохтоната речна пастрмка. Повеќемина жители од крајречните села и рибари ги забележале мртвите риби во коритото на некогаш бистроводната Треска.
– Загрижени граѓани не информираа дека во горниот тек на реката Треска од селото Подвис до селото Извор има помор на рибниот подмладок. Направивме обиколка на овој дел од реката и слободно може да се заклучи дека Треска е речиси мртва река, бидејќи со последниот помор на рибниот подмладок на автохтона речна пастрмка може да се потврди дека некогаш богатата река речиси остана без рибен фонд вели Димитар Петкоски, претседател на риболовното здружение „Треска” од Кичево.
Според неговите зборови, покрај недозволениот лов на риба, кој во голема мера е изразен последниве неколку години, и масовните труења, изминативе две години проблеми создаваат и калта и другите материјали што се испуштаат во реката од изградбата на автопатот Кичево Охрид.
– Врз состојбата со рибниот фонд на реката Треска во последниве две години влијае и испуштањето на калта во реката и другите материјали при изградбата на автопатот. Испуштањето на овие материјали во Треска се чини е една од причините за помор на рибниот подмладок во реката, бидејќи водостојот е многу низок, а испуштањето на овие материјали дополнително ја влошува состојбата. Миењето на цистерните што носат бетон придонесува за затворање на жабрите кај малите риби и нивна прерана смрт. Дури еден рибар ни посочи дека уловил две пастрмки од по 200-250 грама на кои жабрите им биле речиси затворени додава Петкоски.
Познатиот кичевски екологист и голем поборник за зачувување на чистите водотеци во овој крај Миле Алексоски проблемот го лоцира на испуштањето разни материјали директно во реката Треска, во нејзиниот изворишен дел.
Откако почна изградбата на автопатот реката Треска барем секој трети ден е матна и полна со тиња, а во реката директно се испуштаат и остатоците од бетон при миење на миксерите за транспорт на овој материјал. Токму и овие материјали се едни од главните причинители за помор на рибниот подмладок. Ако продолжи оваа негрижа кон реката, најодговорно тврдам дека за скоро време некогашната наша гордост ќе биде мртва река. Co се што се случува во последните неколку години, целосно е нарушен биодиверзитетот на оваа речна убавица, на која сите бевме горделиви и која, за жал, поради човечка негрижа може да се претвори во безживотен водотек, додава Алексоски. Дури и сопствениците на рибници по течението на реката Треска забележуваат дека загубите на риби во нивните рибници се многу поголеми отколку пред две години, a изостанува и вообичаениот прираст на рибите, што тие го лоцираат токму во се поголемото загадување на реката.