Помор на риба во реката Тополка кај Велес

(Oвој напис е објавен на: October 4, 2017)

Помор на риба и заматување на реката Тополка кај Велес вчера била забележана од Државен инспектор за животна средина, по пријава на полицијата, при што веднаш излегле на терен и извршиле вонреден надзор.

Како што соопштија од Министерството за животна средина и просторно планирање, во записникот е констатирано дека на вливот на реката забележана е одредена количина на угинати риби, како и заматеност на водата со белузлава боја. Направен бил и надзор на речното корито под правниот субјект Каменолом и Варница Превалец – Технопавер Скопје, при што е констатирано дека над мостот на населбата Превалец е чиста водата, нема заматеност и нема угинати риби. Под испустот на отпадната вода од правниот субјект не е забележана угината риба во должина од 500 метри.

Во присуство на инспекторот, стручно лице – лаборант од Центарот за јавно здравје – Велес земал мостра од водата и е дадена за испитување. Издадена е привремена усна наредба за престанок на работа на сепарацијата до добивањето на резултатите од испитувањето. По добивањето на резултатите инспекторот ќе преземе понатамошни инспекциски мерки.