Потег на Владата ја заживеа сувомесната индустрија
Укинувањето на царината за увоз на замрзнато свинско месо ја заживеа месопреработувачката индустрија. Податоците покажуваат дека времената мерка ја врати конкурентноста на сувомесни производи од домашните производители. Целокупното производство се зголеми за 40%, а извозот на сувомесни преработки бележи раст од 61%.
“Мерката беше неопходна поради многу лошата состојба во која што се наоѓаше месната индустрија, со цел за да се најде спас на оваа индустрија, да се намали увозот на месните преработки и враќање на домашните готови производи на домашниот пазар во маркетите, кои што и до сега беа по квалитет еднакви на странските, на увезните, но беа поскапи. Целта беше домашните потрошувачи да конзумираат домашни производи по најдобар квалитет и по најевтини цени”, изјави Гоце Трајчев, претседател на Групацијата за преработка на месо и производство на сувомесни преработки при Стопанската Комора на Македонија.
Царината што македонските компании ја плаќаа за увоз на замрзнато свинско месо беше меѓу највисоките споредено со европските. Тоа придонесе цената на месните преработки произведени во Македонија да е неконкурентна на пазарот во однос на увезените сувомесни производи.
“Месопреработувачка индустрија пред мерката работеше со капацитет од 28%, а еден по еден производните капацитети затвараа. Во продажба три четвртини од сувомесните производи беа од увоз, а само една четвртина беа од македонско производство. Оваа индустрија беше во неконкурентна положба и имаше нелојална конкуренција од останатите производители од соседните земји пред сè”, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер задолжен за економски прашања.
Времената мерка беше воведена на 11.05.2018 со важност од шест месеци. На половината од нејзиното времетраење регистриран е раст на увозот на замрзнато свинско месо за 29%, а намален е увозот на свежо свинско месо за 38%. Надлежните сметаат дека укинувањето на увозната царина нема никакви негативни ефекти на домашното производство, што во целост ги задоволува потребите за свежо свинско месо. Најавуваат и дека ќе ја продолжат важноста на мерката за уште шест месеци.