fbpx
Вести

Избрани 12 локации за консолидација на земјоделско земјиште

oriz

Дванаесет локации  од целата држава се избрани за консолидација на земјоделско земјиште преку проектот „Мејнленд“, финансиран од ЕУ, кој го спроведува Организацијата за храна и земјоделство на Обединети нации (ФАО) во партнерство со македонското Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

По пристигнатите 40 изјави за интерес за проекти за консолидација на земјоделско земјиште, поднесени од различни локални заедници во декември лани, и направената евалуација се избрани заедниците: Стојаково во Општина Богданци;  Логоварди, Трн, Оптичари и Жабени во Општина Битола; Лешани во Општина Дебарца; Чешиново, Соколарци, Спанчево и Чифлик во Општина Чешиново-Облешево; Царев Двор во Општина Ресен; и Моноспитово во Општина Струмица.

– Консолидацијата на земјиштето прилагодена на специфичната ситуација во земјата е ефикасен инструмент за решавање на структурните проблеми со расцепканост на земјоделското земјиште и малата површина на земјоделските стопанства. Искрено се надевам дека земјоделците и сопствениците на земјиште во 12-те избрани заедници активно ќе се вклучат во процесот на консолидација на земјоделското земјиште и на овој начин ќе стекнат корист од проектот, изјави Мортен Хартвиген, Експерт за земјишни политики, од Регионалната канцеларија на ФАО за Европа и Централна Азија во Будимпешта.

Како што информираат од Канцеларијата на ФАО во Скопје, избраните локални заедници се рангирани според критериуми како,  големина на проектната област за консолидација на земјоделско земјиште, степен на расцепканост на земјиштето, големина на земјишните парцели, процент на изложеност на земјиштето, топографија на теренот, присуство на повеќегодишни култури, како и на недвижни објекти во областа. Еден од клучните критериуми бил и интересот на земјоделците и нивната посветеност да се вклучат во процесот на консолидаци на земјоделското земјиште.

Во периодот што следува, проектот ќе објави тендер за спроведување на физибилити студии (студии за изводливост) во одбраните области за консолидација на земјоделско земјиште. Целта на студиите е да се направи детална проценка на моменталната состојба на терен, да се потврди подготвеноста на земјоделците и сопствениците на земјиште да се вклучат во процесот, да се идентификуваат индивидуалните потреби, да се провери дали се задоволени сите предуслови за успешна имплементација на консолидацијата на земјиште, во секоја од избраните области. Врз основа на анализата на ситуацијата, студиите ќе обезбедат препораки за најдобар пристап за консолидација на земјиштето во секоја од областите, а исто така ќе ги идентификуваат и приоретизираат потребните инвестиции во нови пристапни патишта и инфраструктура за наводнување и одводнување, во зависност од потребите во секоја заедница.

Преку проектот ќе биде поддржан целокупниот процес на спроведување на претстојните физибилити студии во секоја од избраните области, преку јакнење на капацитетите на лиценцираните геодетски фирми кои ќе ги спроведуваат студиите, внимателно следење на теренските активности и подготовка за активностите што ќе следат во наредните фази од процесот на консолидација на земјиштето.

Буџетот на проектот, што почна во март лани, а ќе трае до август 2020 година, изнесува 2,56 милиони евра, од кои 2,5 милиони евра од Инструментот за претпристапна помош на ЕУ и 61,2 илјади евра од ФАО (61,2 илјади евра).


 

бриф.мк

Слични написи

Back to top button
Close