fbpx
Вести

Предлог закон за фитофармација – наместо решение, нова закана за аграрот

Во завршна фаза влегува предлог законот за фитофармација откако власта го  протрча низ системот и наскоро треба да се најде во собранието пред пратениците на гласање. Предлог законот ги помина набрзина сите филтри без да се вградат сериозните забелешки од научната јавноста дека вака скроен е по мерка на чиновниците во министерството за земјоделство, а не според реалните потреби на агросекторот.

Македонското земјоделство уште не соземено од ударот кој го задаваат климатските промени, се почесто е пречекано со ударот кој дополнително не исфрла од игра, а тоа, пред и се е сериозната конкуренција од регионот и нашата слаба конкурентност во однос на пласманот на веќе постоечките и освојување на нови пазари. И кога требаше да се бараат мерки кои ќе значат инфузија на комираното производство и враќање во живот, односно кога требаше да се бараат начини како да се помогне земјоделците да се насочат кон исполнување и освојување на европските пазари кои ни се единствените логични и исплатливи начини за пласман, властите носат закон за фитофармација кој дефинитивно ќе ја урне секоја надеж за пласман на европски пазар на било кој македонски земјоделски производ, како и задржување на земјоделците на своите производни површини и со своето производство кое е сега пуштено во слободен пад. Со новиот закон ќе се дозволи речиси секој да може да биде вработен во земјоделска аптека, ако помине некаква си обука, полага тест со прашања и нормално ако плати за лиценца, што стана омилен збор на администрацијата, од која ќе зависи всушност се во иднина.

Агро лековите за растенијата досега можеа да издаваат само агрономи со завршен земјоделски факултет и наместо, сега да се допрецизира тоа, овој процес да можат да го прават само оние што имаат насока од растително производство, а не и сточарската насока која ја има на земјоделските факултети, сега во законот ќе се дозволи во аптека да може да работат и технолози, хемичари, биохемичари, физиолози, биолози …, Овие високообразовани кандидати, меѓу другото учеле како се одвиваат различни технолошки процеси (пр. како се прават макарони), учеле многу хемија и биохемија, многу биологија, и се стекнале со многу знаење во своите области, но ништо не учеле од агрономската наука. Овие профили се елементарно не едуцирани за особеностите на различните одгледувани растенија, нивните ризици по здравјето, различите штетници и патогени кои можат да ги населат, мерките кои интегрално треба да се превземаат, вклучително и пестицидите, влијанието на овие и други хемикалии врз растенијата и многу друго…

Сето ова се прави само за да се воведе условот да мора да се полага во министерството и да се плати за лиценца ако сака некој да си ја задржи работата во земјоделска аптека. Се фрлаат во вода цели генерации на  завршени агрономи, последипломци, стручњаци од научното поле фитомедицина, кои во државава постојат и наместо да се стават во системот тие да бидат лекари, да го преземат овој голем товар, да препишуваат мерки и системи за квалитетно чување на здравјето на растенијата, да се гарант на производството на здрава храна, гарант за освојување на нови пазари, тие се игнорираат и се изедначуваат по своето професионално портфолио, со стручњаци од сосема други научно несоодветни области. При тоа, законодавецот не зема во придвид дека домашното примарно растително производство, доминантно е во приватна индивидуално режија, која пак од друга страна е исклучително скромна во познавањето на агрономскита наука. И сега, се создава можност ваквите  фармери, во земјоделските аптеки да ги советуваат агрономски неписмени стручњаци (технолози, хемичари, биохемичари, физиолози, биолози …), што е сериозен ризик сам по себе со несогледиви последици.  Така, наместо вистински совети, предлог мерки и рецепти, за заштита на растенијата од најразлични штетници, патогени и плевели со кои на земјоделецот ќе му се олесни оваа високо одговорна задача (да произведува храна), државата креира состојба која само силно дополнително ќе ја компромитира и така нејасната и неизвесната состојба во овој дел од агрономската пракса. Со вака поставеното законско решение, се отвора прашањето, кој ќе биде одговорен, за евентуалните штетни последици по здравјето на растенијата, животните, луѓето во синџирот на исхрана, неизвесноста во освојувањето на новите пазари, односно за целата нестручност која се инсталира во процесот на растителното производство.

Од друга страна, агрономите ќе станат непрепознатливи, ќе треба да застанат во ред со нелојалната конкуренција, или ќе треба да ја бараат својата среќа некаде надвор од земјата…

Дека мора аптекарите во земјоделските аптеки да бидат еден од најважните филтри, кој на земјоделците ќе им укажуваат и преку рецепти ќе им препишуваат дози и формулации, со што и кога да се прска, и како да се внимава на периодот на каренца за да нема штетни остатоци од пестицидите во храната која ја јадеме но исто така и во она што сакаме да го извезуваме, говорат и бројните вратени пратки со резидуи од пестициди кои може Македонија да ја става на црна листа на земји со висок ризик каде не се води ред со што се прска.  Дополнително мора да се знае дека за многу пестициди (пр. некои хербициди и др.) кои легално се продаваат, не постои против отров за спас на човекот, ако тие неправилно се користат и ако на било кој начин завршат во храната на нашите трпези.

Во законот, спорен е и составот на стручната комисија која треба да одобрува кој пестициди ќе може да се продаваат на пазарот бидејќи во збирот од разноразни професии, со поеднаков право на глас, се потиснуваат лицата кои треба да бидат стручно најповикани за да одлучат за оваа работа. Во новиот предлог закон не се остава можност за заштита на сопственото растително производство туку секој препарат кој ќе дојде од земја од ЕУ се остава можност да се прифати и кај нас, иако е јасно дека ефикасноста и резистентноста кон одредени препарати зависи од самото поднебје и производните услови заради што треба стручната комисија да го има последниот збор, да има можност да побара и дополнителни испитувања во наши услови за на крајот на земјоделецот да му остане во аптека да бира меѓу одредени подеднакво ефикасни препарати кој да го купи, а не да се труеме преку храната и да бараме некој од надвор да ни ја купи и да не анализира што има во неа.

Постапката иако е во поодмината фаза сега единствено останува можност за корекција да се направи преку амандмани на пратениците кои ќе треба да го спасуваат земјоделството да не настрада во хаосот кој заради лиценци ќе предизвика проблеми и компликации во реалноста и во функционирањето на целокупниот агро сектор.

 

Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close