Пресметка: Колку чини лекувањето за Ковид-19 во домашни услови?
Пациентите со Ковид-19 кои имаат полесна клиничка слика и се лекуваат дома доколку ги купат сите препорачани лекови и витамини треба да издвојат околу 5210 денари. Ако во семејството има 3 позитивни, ќе ги чини и до 250 евра. Сител контактираше неколку аптеки. Ова е најчесто бараната терапија за лица кои имаат коронавирус. Најскапи се витамините и имуностимулаторите кои не се на товар на Фондот за здравство. Висока е и цената на антибиотикот сумамед, две дози на приватно се 920 денари.
Од друга страна доктор Кирил Солески кој е семеен лекар и изминатите месеци третирал повеќе пациенти кои имале корона вели дека препораките и на СЗО и на американската асоцијација на матични лекари е лекувањето на пациентите со лесна форма да биде со симптоматска терапија.
-Тоа значи доколку имаат благо покачена температура се зема лек за намалување на температурата. Тој лек треба да се прима само во консултација со матичен лекар. За сите останати лекови не постојат медицински докази дека влијаат на тежината и времетраењето на болеста, изјави за Сител д-р Кирил Солески, специјалист по семејна медицина.
За останатите лекови кои изминатиот период се популарни во јавноста доктор Солески вели пациентите со лесна форма на Ковид -19 никако да не ги користат на своја рака.
-Тука мислам на антибиотицуте, кортикостероидите и антикоагулантите, додаде д-р Солески.
Побаравме одговор од Фондот за здравство дали поради Корона кризата државата планира финансиски да им олесни на пациентите со Ковид кои се со полесна слика и на домашно лекување. Од таму тврдат дека ги покриваат трошоците само за лекови кои се на позитивната листа, а витамините и суплементите не биле на листата. За тоа одлучувала Комиссија при министерството за здравство.
Покрај терапијата, граѓаните реагираат и за високата цена на ПЦР тестовите. Бидејќи не сите можат да добијат термин преку матичните, како што тврдат не одговарале согласно алгоритамот бидејќи не го знаеле контактот.
За да дознаат дали се позитивни треба да платат приватно од 4000 до 12.000 денари.
Извор: Сител