Проблемот со водата за пиење ја одбележа и оваа сезона.Градот Ресен и дел од околните населени места се покрај Преспанското Езеро, а се почесто се соочуваат со недостиг на вода за пиење, реагираат ресенчани откако дел од повисоките населби во градот, а и некои туристички места со денови и ова лето имаат проблеми со водоснабдувањето.
Лежи на вода, а нема вода. Проблемите со водата за пиење во Преспа не стивнуваат. И овој пат и жителите на Ресен се соочуваат со недостиг на чиста вода за пиење. Во делови од градот, според изјавите на граѓаните, на температури и повисоки од 35 степени, вода нема и по неколку часа, додека во некои населени места, ваква е ситуацијата со денови. Граѓаните велат дека секој се снаоѓа како знае и умее и оти ова не би требало да се случува во 21-от век.
-Со денови ситуацијата е фрустрирачка. Лето е, а од чешмите во повисоките населби во градот не истекува капка вода или ако дојде, таа е со многу слаб притисок. Ресен и Преспа подолги години се соочуваат со недостаток на вода за пиење и состојбата премногу често зависи од тоа колку дожд или снег имало во текот на годината. Проблемот е настанат поради слабата издашност на изворите и немањето слух за рамномерно распоредување на водата. Годинава проблемот се појави релативно рано, граѓаните претпоставуваат дека вода нема и дека со ваквите високи температури ќе биде сериозен проблем да се преживее летото. Надлежните мора да најдат финансии за нови ископини и бунари со кои ќе се обезбедат нови количини на вода. Ресен на вода спие, а вода сонува, велат ресенчани за „Зелена берза“.
Со недостиг на вода во екот на туристичката сезона се соочуваат и туристичките населби Стење, Сирхан, слична ситуацијата беше и со Претор каде се пушти техничка вода со пумпен зафат од Езеро.
Првиот човек на Ресен градоначалникот Живко Гошаревски за медиумите вели дека вода немаат само повисоките населени места во Ресен поради слабата издашност на изворите. Но, воедно посочува дека се случуваат злоупотреби на водата од страна на жители кои ги наводнуваат дворовите и бавчите, а за сметка на тоа повисоките делови остануваат без вода.
-Претежно се јавува проблем за време на викенд кога се сите дома и има злоупотреби на водата. Екипите се на терен. Правиме напори за подобрување на состојбата. Ако сме приморани ќе имаме и рестрикции. Воедно се прави и обнова на целата мрежа. Две фази се направени, остана уште третата за комплетна реконструкција на водоводот со што и губитоците ќе се намалат. На повисоките места планираме да се постават регулаторни вентили со што ќе се насочува вода со потребниот притисок и до повисоките места. Решено е дека тоа треба да се направи, но е поскапа инвестиција, наведува Гошаревски.
Дека слаба издашност на изворите има и во туристичките населби крај Преспанското Езеро, потврдува и самиот градоначалник.
-За Претор, населба која се снабдува со вода од Курбиново, досега сме правеле неколку бушотини, но нема вода. Езеро има, а вода нема околу. Во Стење е многу мала издашноста на изворот и со пумпите многу голем проблем е. За Стење имаме проект нарачано за нов водовод и пумпна станица да направиме. Големи се проблемите, не можат да се решат преку ноќ, но активно работиме за подобрување на условите, додаде градоначалникот на Ресен Гошаревски. Засега останува злоупотребата на вода да се намали, зошто и климатските промени си го прават своето. Во исто време и угостителите велат дека недостатокот на вода се одразува врз туристичката сезона , објаснувајќи дека немаат оправдание кое може да им го дадат на туристите.
Анета Блажевска