Претставување на „Слоу фуд Македонија“ на Тера Мадре во Торино
130 земји и 700 изложувачи на храна ќе бидат присутни на најголемиот и најинтересниот глобален настан посветен на земјоделството, храната и гастрономијата наречен Тера Мадре Салон дел Густо.
Од четврток вкусовите на целиот свет се сместени во Торино, Италија: 130 земји и 700 изложувачи на храна ќе бидат присутни на најголемиот и најинтересниот глобален настан посветен на земјоделството, храната и гастрономијата наречен Тера Мадре Салон дел Густо.
На отварањето на македонскиот павилјон ќе присуствува Весел Мемеди, македонскиот амбасадор во Италија и Лидија Попандонова, претставничка на Македонија во Организацијата за храна и земјоделство на ОН, ФАО и заменик на Европската комисија за земјоделство на спомнатата Организација .
Овчеполското јагне, најпознат извозен бренд во Италија, во организација на земјоделската задруга „Еко Овчеполка“ ќе биде дегустиран и оценуван секој ден.
Следат и презентација на првото издание на Водичот Slow Wine и дегустација на одбрани вина, потоа – „Училишните градини- зелени училници на иднината“, „Новите дечки на стариот занает“ -цпреку традиционалните и иновативните дестилати и уште нешто од традиционалното: во Торино ќе се сучи охридскиот комат.
Презентација на Слоу фуд гостилници ќе го долови нашето традиционално гостопримство преку гастрономската тура низ Македонија, потоа, на лице место ќе се проследи подготовка на ширден – најпознатиот прилепски специјалитет, ќе има претставување на новата пивска сцена и дегустација на занаетчиски произведени пива.
Тера Мадре е најважен настан посветен на културата и храната што се организира на секои две години, а на манифестацијата ќе присуствуваат преку 50 делегати од мрежата на Слоу фуд Македонија: производители, професори, готвачи, активисти и членови на Слоу фуд кои заедно ја креираа програмата.
Настанот се реализира со финансиска поддршка на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Слоу фуд интернационал, како и со поддршка на „Серта компани“ ДОО, Скопје и ЗЗ „Еко Овчеполка“ и логистика на македонската заедница во регионот Пиемонт.