Презентирани резултатите од проектот за производство на домашно семе за пченица поотпорно на климатските промени
До сега на терен се реализираа демонстративни опити со две популации тетовски грав и три сорти пиперки – сиврија, амфора и везен лут. Кочанскиот регион е одбран за демонстративен опит со есенска пченица од сортите миленка, радика, подобрена оровчанка и осатка, истакна директорот на Зејоделскиот институт, Виктор Ѓамовски.
На површините на Земјоделскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј’’ – одделение во Кочани беа презентирани резултатите од реализираните активности за производство на квалитетен семенски материјал за пченица со поголема отпорност на климатските промени.
Се работи за заеднички проект на Земјоделскиот институт и Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО), чија цел е создавање погодна средина за подобрена отпорност на земјоделството на климатските промени во неколку држави од регионот.
На презентацијата, на која присуствуваа заменик министерот за земјоделство Абдулшуќур Абедини, директорот на Земјоделскиот институт, Виктор Ѓамовски, претставници од ФАО и земјоделци, беше нагласено дека во три региони во државата се реализираат опити за производство на семенски материјал од три различни земјоделски култури.
-Во изминатиот период се спроведуваат активности фокусирани на квалитетно семепроизводство на грав, пиперка и пченица преку демонстративни опити во Кочани, Скопје и Лозово. Преку испитувањата се оценува влијанието на климатските промени врз производството во различни услови, како и ефектите од примената на различни агротехнички мерки за зголемување на отпорноста на одгледуваните видови кон климатските промени. До сега на терен се реализираа демонстративни опити со две популации тетовски грав и три сорти пиперки – сиврија, амфора и везен лут. Кочанскиот регион е одбран за демонстративен опит со есенска пченица од сортите миленка, радика, подобрена оровчанка и осатка, истакна директорот на Зејоделскиот институт, Виктор Ѓамовски.
Заменик министерот за земјоделство, Абедини нагласи дека особено важно е што во проектот посебен фокус се дава на едукацијата на земјоделците, како тие да го прилагодат своето производство на климатските промени и да остварат оптимални приноси преку производство на квалитетен семенски материјал.
-Министерството е вклучено во поддршка на спроведувањето на националните политики на семепроизводство, дистрибуција и систем за сертификација на семе и саден материјал во државата. По соодветните анализи се очекува подготовка на стратешки документ за одржлив развој на систем за семе и развивање препораки за адаптација на земјоделскиот сектор кон климатските промени, што потоа ќе биде доставен до Владата. Воедно, Министерството ќе биде вклучено во регионална мрежа на системи за семе, избор на култури и сорти што се оптпорни на климатски промени и за подготовка на национално портфолио, истакна Абедини.
На настанот им беа доделени и сертификати на земјоделците и земјоделските организации кои учествуваа во серијата обуки во рамки на проектот, на кои добија нови сознанија како да произведат квалитетен семенски материјал од пченица прилагоден на актуелните климатски промени.