вестиТоп вести

Проблемот со откупот може да се реши со отворање на преработувачки капацитети

Дел од земјоделските производи кои беа во тренд во тетовското поднебје пред неколку години кога за нив имаше откуп, сега повеќе не можат да го најдат местото на пазарот. Пред десетина години на нивите во тетовско започнаа да се засадуваат големи површини со јаткасти плодови, но и Аронија. Но сега се покажа дека оваа иновативност на земјоделците била бадијала.

Голем дел од нив се жалат дека нема повеќе каде да ги пласираат па размислуваат да ги корнат насадите и на нивно место пак да ги засадат традиционалните земјоделски производи како грав, пченка  пченица, кои можат да ги користат за нивни потреби и полесно да ги продадат на домашниот пазарот. Ислам Хусеини кој има засадено голема површина со Лешник и Аронија, вели дека на почетокот имало продажба, но сега таа замрела.

-Имаше на почетокот откуп, доаѓаа од Скопје со камиони за извоз ни ја земаа аронијата но и лешникот, а сега ги нема никаде. Продаваме на кило Аронија на некои постојани муштерии, но со тоа што можеш да направиш, имаме со тони во магацините ни скапува, рече земјоделецот Хусеини.

И другите земјоделци кои ги имаат засадено своите ниви со овие нетрадиционални производи се жалат поради немање на пласман. Но дел од нив не се откажале да се занимаваат со оваа дејност. Дури засадуваат и нови површини и практично сами си го откупуваат прозводеното, од кое произведуваат сок и така полесно го продаваат на странскиот пазар.

-Ние имаме засадено површини со Аронија во атарот на село Лешок. И навистина така, на почетокот ни одеше, но пласманат замре. Не сакавме да се откажеме. Имавме инвестирано , па за да не пропадне инвестицијата решивме ние да го откупуваме производеното и отворивме фабрика за производство на стопроцентен сок од Аронија кој многу полесно сега можеме да го пласираме на странскиот пазар, рече Дејан Претковски косопственик на фабрика за сок.

Од Агенцијата за поттик и развој на земјоделието, потенцираат дека немањето сигурен пласман на земјоделските производи е најголемиот проблем на земјоделците во тетовско. Велат дека надлежните треба да преземат сериозни чекори за отворање на откупни центри во поголемите градови во Македонија, или пак да се отворат преработувачки капацитети за овошје и зеленчук, кои некогаш постоеја во полошко

Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, вели дека се прават напори да нема земјоделски производ кој нема да биде откупен или да скапе. Не може се преку ноќ да се направи, но министерството преку разни начини успева да го ублажи овој најголем проблем, кој поради лошите политики на претходната власт зел голем размер, потенцираше министерот.

-Нас во последно време не радува искористеноста на ИПАРД програмата, поконкретно мерката 3 за преработувачки капацитети со многу широк спектар за можност на инвестиции , односно средствата од оваа програма кои се инвестираат во преработка на земјоделски производи вишни на пример, ама еве на пример нема доволно капацитети за преработка на јаболката, и ние ги мотивираме поединечните компании да инвестираат во овој сектор, за да земјоделците не се соочуваат со проблемот на пласманот, туку и да инвестираме во нови приозвои. Во тој аспект не само ИПАРД,  туку и преку програмата за рурален развој каде што оваа година за прв пат одвоивме нови 4 милиони евра кои ќе бидат ставени во функција по промените на Законот за земјоделство и ќе бидат пред се наменети за преработувачката индустрија. Не можеме наеднаш се да решиме, дека порано имало многу погрешни политики со кои се форсирало само во зголемување на површините засадени со земјоделските производи а не во нивната преработка, откупни центри ладилници и слично, рече Љупчо Николовски министер за земјоделство шумарство и водостопанство.

Најголем проблем со откупот во полошко имаат јаболкопроизводителите кои веќе започнаа да ги корнат овошните насади засадени со јаболка, затоа што последниве неколку години реколтата им скапува по магацините и подрумите, или завршува на депонија.

Зоран Димовски

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close