Прочистителна станица во село Орман со средства од европските ИПА фондови
– Оваа инвестиција е една од многуте кои ги реализираме со финансиски средства од Европската Унија, и кој ни овозможува да ги користиме придобивките кои ги имаат земјите членки уште пред нашето зачленување во Европската Унија. Уверен сум дека со полноправно членство во Унијата до 2030 година, сите овие придобивки и можности многукратно ќе се зголемат. Сега е моментот да ја зграпчиме понудената шанса и да продолжиме цврсто и сигурно по тој пат, подвлече Маричиќ.
Заменикот на претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, во рамките на денешната работна посета на општината Ѓорче Петров, ја посетија и прочистителната станица во село Орман.
– Владата инвестира во иднината и подеднакво се грижи за сите граѓани на Северна Македонија. Со европски средства, преку Инструментот за претпристапна помош – ИПА фондовите, вложивме 330.000 евра само во општина Ѓорче Петров, со што се решава еден многу важен проблем на жителите на селото Орман, на градот, околината и директно влијае на подобрување на условите за живот и животната средина, рече Маричиќ.
Тој потсети дека жителите на селото се соочуваа со сериозен недостиг од основни јавни услуги односно пристап до еколошки системи и третман на отпадни води во Орман. Загадените подземни и површински води, како и предизвиканата контаминација на почвата, додаде, ги нарушуваат постоечките норми за безбедност на храната и квалитативните норми за производство на здрави и безбедни земјоделски производи.
Маричиќ нагласи дека со реализација на пилот интервенции за третман на отпадни води и управување со цврст отпад во прекуграничниот регион и со градењето на колекторот за отпадни води во село Орман, се зајакнува капацитетот за управување и намалување на ризиците од загадување на животната средина. Со овој проект, истакна тој, се решава проблемот на одлагање на комунален отпад и канализација на жителите на Орман и со тоа директно се влијае на намалување на загаденоста на водата, почвата и храна.