ПРОЧИТАЈ! Со ИПАРД 3 програмата ќе има повеќе пари за инвестиции во земјоделието
Бачовски информира за европските фондови наменети за земјоделците. ИПАРД 3 програмата се разликува од претходните програмски поглавја по тоа што доаѓа со зголемени минимални прагови на инвестициите. За мерка 1 минималниот праг се подига од 3000 на 10.000 евра, за мерка 3 од 10.000 на 20.000 евра, а кај мерка 7 од 1500 на 5000 евра.
-Кога ќе се објави првиот повик од ИПАРД 3 Програмата?
Бачовски- ИПАРД 3 програмата беше усвоена во Март 2022 година, по што започна процесот на потпишување и ратификација на финансиските и секторските спогодби помеѓу Европската комисија и Северна Македонија. Службите од ИПАРД, односно колегите од АФПЗРР, МЗШВ и МФ работат на комплетирање на акредитацискиот пакет кој наскоро ќе биде испратен на усвојување кај службите на Европската комисија. Иако за сите овие бирократски процедури нема строго утврдени рокови, реално е да се очекува првите повици од ИПАРД 3 програмата да ги имаме некаде во вториот квартал на 2023 година.
-Дали се зголемени праговите на инвестиција?
Бачовски- ИПАРД 3 програмата се разликува од претходните програмски поглавја по тоа што доаѓа со зголемени минимални прагови на инвестициите. За мерка 1 минималниот праг се подига од 3000 на 10.000 евра, за мерка 3 од 10.000 на 20.000 евра, а кај мерка 7 од 1500 на 5000 евра.
Ова се должи на анализата која покажа дека како држава имаме најмногу склучени договори и најголем износ на исплати, но за жал имаме најнизок просек на висина на исплатени инвестиции. Ова даде јасен сигнал дека е потребно да се зголемат минималните прагови и да стимулираме поголеми инвестиции, за кои пак и нудиме подобри услови за финансирање, преку можноста за авансна исплата до 50% веднаш по потпишување на договорот.
За сите помали инвестиции останува на располагање програмата за рурален развој каде остануваат активни мерките за млад земјоделец, рурална жена, мерката за набавка на добиток и слично.
-Кои се најголемите проблеми за земјоделците при аплицирањето за програмите? Како да им се олесни процесот?
Бачовски- Сметам дека проблемите при аплицирање се надминати. Имаме добри проекти кои пристигаат и процентот на одбиени проекти заради некомплетност или несоодвеност полека се намалува. Она на што останува и ние како институции, но и медиумите да посветеме поголемо внимание е информираноста на земјоделците и останатите потенцијални корисници за можностите кои се нудат преку националните и европските програми за поддршка на македонското земјоделство и рурален развој.
Во 2023 година ќе посветиме многу повеќе време на афирмација на работата на АФПЗРР, но пред се на информирање на јавноста за сите успешно реализирани проекти.
Само за илустрација, во 2022 година имаме успешно реализирани и исплатени 592 проекти од програмата за рурален развој. Тука се инвестициите на младите земјоделци, руралните жени, новите трактори и комбајни за ориз со поддршка преку АФПЗРР, како и многу нови грла високостелен добиток набавен од фармерите со ко-финансирана поддршка од Агенцијата.
Дополнително, за само една година, во 2022 се исплатени 261 проект поддржани од ИПАРД 2 програмата со вкупно 17.8 милиони евра. Тоа се многу нови преработувачки капацитети, објекти за рурален туризам, фарми, земјоделци со обновена и модерна земјоделска механизација, овоштари со нови насади и системи за наводнување и мали бизниси од рурални средини на кои им помогнавме да воведат нови производствени технологии.
Заедно со поддршката од програмата за директни плаќања која изнесува 105 милиони евра и програмата за интервентен фонд со 11 милиони евра – вкупната финансиска поддршка во 2022 година за македонското земјоделство и рурален развој изнесува 140 милиони евра.
Во можеби најтешката година по 2-рата светска војна, финансиската поддршка за македонскиот аграр и рурален развој ги руши сите рекорди.
-За кои мерки има најголема заинтересираност?
Бачовски- Грантовите за млади земјоделци и рурални жени, како и мерката за набавка на високостелен педигриран добиток се најатрактивните мерки од програмата за рурален развој. Особено драга ми е мерката за набавка на добиток, преку која се освежува генетскиот потенцијал на македонското сточарство. Во 2022 година за оваа мерка се потпишаа 103 договори преку чија реализација во Македонија ќе се увезат над 3800 педигрирани грла на крави, овци и кози од Централна и Западна Европа.
Кај ИПАРД програмта најчести се инвестициите во земјоделска механизација, опрема за преработувачките капацитети, како и пчеларска опрема за производство мед и други пчелни производи. Заради новонастаната ситуација со енергетската криза, се повеќе се зголемува интересот за проекти кои предвидуваат поставување на обновливи извори на енергија за сопствени потреби. Произведената енергија може да биде соларна, од ветер или од биомаса. За таа цел, но и за набавка на нова и модерна опрема, во 2022 беше објавен повик за мерка 3 каде преработувачите на месо, млеко, овошје, зеленчук и житарици можеа да аплицираат со проекти за обновливи извори на енергија за сопствени потреби. Веќе се потпишани и првите договори и дел од нив предвидуваат вакви инвестиции кои се поддржани од ИПАРД со 60% од висината на трошоците. Овие можности ја прават АФПЗРР единствена институција во државата преку која се финансираат проекти во обновливи извори на енергија и директно се влијае врз динамиката на зелената транзиција.
Анета Блажевска