fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Фали го градот, живеј на село

Руралните средини се попривлечни за живеење во пандемијата

Во Македонија има одредени показатели што велат дека населението на нашата земја пополека се свртува и се враќа кон животот на село. Ваквите појави, иако сѐ уште не се од масовен карактер, сепак сигнализираат некаков почеток на вртење на внатрешното миграциско тркало во обратна насока. Имено, во минатите години и децении масовно се напуштаа македонските села и луѓето бегаа во градовите.
Во меѓувреме, во рамките и на заложбите на македонските власти за рамномерен регионален развој и заживување на руралните средини, има интересни информации, кои посочуваат дека миграциското тркало започнало да врти во обратен правец. Најнов показател за тоа се и последните податоци на Државниот завод за статистика, во кои се вели дека во Скопскиот Регион, кој е најпривлечен за мигрирање, од град во село заминале да живеат 64 лица.
Во светло на актуелните случувања за обележување е и фактот дека многу од селата во Македонија сѐ уште немаат најсоодветни инфраструктурни услови за квалитетно живеење, како на пример немаат пристап до канализациска мрежа, вода или струја, немаат асфалтирани патишта итн. Некаде се проблем и врските со градот, можностите за образование, пристапот до здравестевни установи итн.
Но и покрај тоа, атрактивноста и привлечноста на селските населби во последно време се зголемуваат, за што веројатно своја улога има и високата загаденост на воздухот во градовите, како и ширењето на пандемијата на ковид-19, при што најпогодено е токму населението во градовите. Сето тоа придонесува селото повторно да стане привлечна дестинација за живеење.
Во меѓувреме, општините со кои се консултиравме потврдуваат дека луѓето од градовите започнуваат да се селат во селата и додаваат дека истовремено тие прават сѐ за да можат да го приспособат животот на луѓето во селата да биде како оној во градовите.

Од скопската општина Гази Баба, во чиј состав влегуваат многу села во околината на главниот град, велат дека тие како преставници на локалната власт вршат максимални напори за мотивирање на населението да се врати со живот во селата.
Во таа насока, од Општината објаснуваат дека во руралните населени места во нивната општина се подобруваат условите за живот на луѓето, бидејќи никој што би се доселил од град не би сакал да живее како во минатиот век.
– Ние ги вложуваме нашите средства и напори за подобрување на инфраструктурата. Имаме голем број проекти со кои градиме и реновираме постојни инфраструктурни проекти, изразени во патишта и во водоводи, кои стануваат достапни за сите лица што живеат во руралните места. Дополнително, редовно се чистат и асфалтираат патиштата до селата, со што и оваа зима на пример немавме случај на отсечени села од градот и од општината. Покрај општите услови за живот, нашата општина спроведува и проекти за подобрување генерално на условите на живот, во смисла на градење нови градинки и училишта и реконструирање на веќе постојните објекти. На овој начин со буџетот на нашата општина, кој еднакво се троши и за урбаните делови, но и за руралните, ние се обидуваме да ги подобриме условите за живот на луѓето да бидат еднакви и во градот и во селото – објаснуваат од Општината.
Во контекст на темата, од Општина Брвеница велат дека нивната општина е една од ретките во кои постои појава на доселување на луѓето од градот во село, што се засилило за времето на пандемијата.

– Во селата, како Стенче, Блаце во Волковијата и слично, во последно време луѓето се враќаат и ги реновираат и адаптираат запуштените стари куќи, кои сега се преадаптираат. Луѓето заминуваат кон селата за да живеат поздраво и да се занимаваат со земјоделство. Доселувањето од град во село носи многу позитивни промени. Селата се поживи, а расте и општинскиот буџет. За да се повтори оваа наша позитивна слика и во другите рурални општини, централната власт треба да овозможи подобри услови за живеење, односно да ги урбанизира овие општини. Ние постојано следиме со нашите служби и гледаме дека се градат нови градби во Брвеница. Претежно се иселуваат од Тетово и се доселуваат тука. Ние сме блиску до Тетово. Имаме клучка, на пример, за влез во Брвеница од автопатот, па сега се надеваме дека ќе имаме клучка за излез од селото. Сето ова влијае на свеста на луѓето за доселување во ова село. Исто така интересно е што и тие што се во странство, да речеме третата генерација на печалбари, имаат желба да градат куќи тука. Тие годишно доаѓаат тука по неколкупати, инвестираат во имот, куќи, фирми. Сето ова охрабрува и затоа ние треба да најдеме сила со поддршка на централната власт да можеме и ние да градиме културни домови и сѐ друго што има во градовите – велат преставници на Општината.https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/fali-go-gradot-zhivej-na-selo/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close