Продолжен рокот за пријавување на ИПАРД огласот
Продолжен е рокот за пријавување за користење на финансиските средства од ИПАРД 2. Причината е да се овозможи доволно време за изработка на поголем број на апликации. Мерките остануваат исти како и во првата програма, но со зголемена стапка на кофинансирање и до 70 проценти.
Наместо до 23-ти јуни огласот за користење на средствата од ИПАРД 2 програмата ќе трае еден месец повеќе, односно до 21-ви јули. Продолжувањето на рокот за пријавување е да се одговори на барањата на потенцијалните корисници за подготовка на целосната документација.
Наместо досегашните 50, односно 55 проценти, стапката на кофинансирање во првата мерка, инвестиции во земјоделски стопанства, може да достигне и до 70 отсто во неразвиените планински подрачја. Новина е и воведувањето на житните култури како прифатлив сектор за инвестирање и инвестирањето во обновливи извори на енергија. Дел за сопствено користење на енергијата, а дел за продажба.
ИПАРД 2 програмата има на располагање околу 60 милиони евра европски пари на кои се додаваат и 25 проценти средства од македонскиот буџет.
Се планира да се овозможи и поддршка на инвестициите во рурална инфраструктура, а корисници на средства ќе бидат општините.