Работење за сопствена сметка

Бројот на вработени за сопствена сметка во Македонија заклучно со минатата година изнесувал 95.364 лица, што е зголемување за 34,7 отсто во однос на 2006 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Најголем дел од работодавците и вработените за сопствена сметка, односно 75.660 лица се мажи.

Од вкупниот број лица што работат за сопствена сметка, околу 33.000 живеат во градовите, а другите во руралните делови на земјава, што укажува на тоа дека најверојатно станува збор за индивидуални земјоделци.

Статистичките податоци откриваат позитивни промени и во однос на вработеноста. Имено, во 2016 година бројот на вработени се зголемил за 2,5 отсто во однос на 2015 година. Бројот на долгорочно невработените лица што се невработени повеќе од една година се намалува за 10,4 отсто. Стапката на невработеност континуирано се намалува, и во 2016 година бележи намалување од 12,3 процентни поени во однос на 2006 година. Сепак, и покрај позитивните трендови во земјава, сѐ уште има армија од околу двесте илјади невработени лица.

Во насока на намалување на бројот на невработени, министерот за финансии Драган Тевдовски вчера соопшти дека речиси милијарда денари се предвидени со предлог-буџетот за 2018 година за активни мерки за вработување на граѓаните.

Според него, ова е најголема сума досега издвоена од буџетот на Република Македонија за решавање на најгорливиот проблем во општеството – невработеноста.

Тој посочи дека Владата одвојува многу за политиките за вработување, образование и социјална инклузија.

– Активните мерки за вработување се добар пример за комплементарноста на политиките на ЕУ и националните политики на Владата на РМ – истакна министерот за финансии Тевдовски, посочувајќи дека Министерството за финансии е целосно насочено кон спроведување на европските реформи, како транспарентноста во управувањето со јавните финансии и долгорочното планирање.

Во согласност со податоците објавени на веб-страницата на Министерството за финансии со новиот буџет за 2018 година се планираат двојно повеќе средства за вработување преку активни мерки на Владата. Во рамките на овие средства се проектирани и трошоци за младинската гаранција со кои се предвидува одреден период државата да финансира директно пари за бруто-плати на млади луѓе што завршиле образование и се подготвени да се обучуваат или трајно да се вработат во земјава.

Планирани се и две милијарди денари средства за поддршка на домашни и странски компании, што, исто така, ќе придонесе за отворање нови работни места.

Share Button