fbpx
ВестиМакедонијаРурален туризамТоп вести

Рајот во манастирот Рајчица

Духовен мир, спокој, уметност, рајски пејзажи од кои запира здивот, се само дел од впечатоците кои секој посетител на Манастирот Свети Георгиј во село Рајчица ги носи со себе, откако ќе го посети ова рајско место.

Лоцирано над Дебарско езеро, ова духовно светилиште кое започна да се возобновува од 1999 година уште повеќе придонесува ова парче земја да го носи името Рајчица.

Местото го посетуваат луѓе од сите религии и нации. Сестра Ефимија вели дека можеби е рано да се зборува за манастирски туризам, но се надева дека од оваа гранка еден ден манастирот ќе опстанува во голема мера. Но најважно e пред сè,како што вели таа, е посетителите духовно да се нахранат, а тоа е и основната мисија на манастирот.

-Првично, добро е да се знае дека нашите манастири се од отворен тип,тука доаѓаат и гости од странство, но приходите од нивните посети засега не подразбираат некоја значајна материјална помош за нас. Овогодинешната ситуација со вирусот КОВИД-19, пак, дополнително ја отежна и онака тешката финансиска состојба во нашите Обители, во кои на дневно ниво се хранат и живеат најмалку 150 луѓе: монаси, штитеници, волонтери и мајстори. Не можеме ниту да кажеме дека туризмот во иднина ќе биде наш главен извор на егзистенција, но нашиот Старец и владика, Партениј, има јасна визија како да го развие овој крај и да привлече голем број посетители. Всушност, тој одамна се зафати со таа историска мисија, враќајќи цела семејства, млади брачни парови да живеат и работат во мијачките села. Во контекст на ова, во 2017 година се отвори етно ресторанот „Куќата на Мијаците“, каде работат токму тие семејства и кој со својата местоположба, музејска вредност и прекрасно подготвена храна сè повеќе ги носи и домашните и странските гости; се гради уште еден конак на паркингот кај Бигорскиот манастир, кој ќе има поголем сместувачки капацитет, а во план е и еден особено значаен културно-историски објект овде во Рајчица, со што ќе се привлече вниманието на голем број туристи. Но, последново и уште некои други замисли, кои веруваме дека ќе се остварат, нека остане да ги дискутираме во некоја друга прилика. Најважно од сè ни е гостите да ја почувствуваат духовноста што извира од овие големи светилишта, да ја чујат прекрасната и вистинита приказна што нашите манастири ја раскажуваат. Никогаш нашите посетители не сме ги оставиле без некоја духовна поука и не ни било важно која нација или религија се тие, така сме воспитани од нашиот Старец, гостопримството е нашата главна мисија, истакна сестра Ефимија.

     Духовна поткрепа за манастирот се свети мошти од Грчката Црква

Веќе седумнаесетта година, дел од моштите на еден од најпочитуваните светци во Македонија, свети Георгиј, му престојуваат во манастирот во Рајчица – дебарско, кој му е посветен токму нему. Моштите тука се донесени од Атина како подарок од еден атински архимандрит во 2003 година. Но, интересна е приказната како тие пристигнале тука.Сестра Ефимија, монахиња од ова духовно светилиште, раскажува дека овие мошти пристигнале на самиот почеток на обновениот монашки живот во Рајчица, и промироточиле уште при пристигнувањето во манастирот.

– Ние ги добивме од Атина, од архимандрит Епифаниј, но претходно тие биле на Света Гора Атонска, каде отец Епифаниј, кој пред монашењето го носел името Георгиј, бил искушеник. Откако се замонашил, светогорците го испратиле на служба во Атина. Пред неговото заминување таму тие му ги дале моштите како поткрепа во неговата служба. Интересно е тоа што отец Епифаниј не се познавал со нашиот Старец и владика Партениј, ама ете по Божја промисла, овие две богољубиви души се сретнале во Атина. И во спонтаниот разговор, отец Партениј почнал да раскажува во какви тешки услови е граден нашиот манастир и колку во сиот тој процесја чувствувал поткрепата од свети Георгиј. Тоа го раскажувал во голем восхит и со посебна љубов и почит кон Светителот, што било причина архимандритот Епифаниј да ја почувствува љубовта на нашиот Старец кон Светителот и да посака да му даде дел од неговите мошти. Можете ли да замислите колкава била неговата радост во мигот на примањето на оваа голема светиња во своите раце?!Да ги држиш во раце моштите на свети Георгиј, на оној кој нè крепи, заштитува, надахнува, чува и пази толку многу години, кој ја поткрепува Црквата толку многу векови, да го примиш во својот манастир, за да биде од полза на сите што овде пристигнуваат! И знаете што е најинтересно? Како што наближуваше возилото кон нашиот манастир, така моштите почнаа да шират една прекрасна миризба која дотогаш не ни беше позната. Броен народ ги дочекаа моштите и само што се отвори капијата на манастирот,тие промироточија, рече сестра Ефимија.

Инаку сегашниот храм на свети Георгиј во Рајчица е изграден врз темели на храм од 16 век,што исто така му бил посветена на овој Светец. Игуменот Арсениј кој бил многу влијателен човек, бил почитуван и од тогашната турска власт. Тоа било причина тој да обезбедил ферман од султанот од Цариград и да ја изгради оваа црква во 1835 година. Во исто време се изградиле и првите конаци на овој простор, во кои живееле дел од браќата од Бигорскиот манастир, кои се занимавале со активности значајни и традиционални за овој крај.

-Игуменот Арсениј од Галичник, кој бил многу влијателен човек, голем ктитор и духовен великан, бил почитуван и од тогашната турска власт. Тоа било причина тој да обезбеди ферман од султанот во Цариград и да го изгради сегашниот храм на Свети Георгиј во 1835 година. Манастирот имал голема економија, сме имале маслинови насади во Елбасан, како и лозја кои се наоѓале на местото каде што е сега Дебарското езеро. Од таа причина во Обителта во Рајчица живееле оние монаси кои имале послушeние околу обработувањето на таа површина. Така било до пред почетокот на Втората светска војна, кога монаштвото по природен пат исчезнало од овие простори заради тешките воени дејствија, а подоцна и поради комунистичката пропаганда. Конаците беа претворени во штали, сликата беше страшна. Поседуваме и фотографски материјал како тоа изгледало сè до 1999 година, односно до доаѓањето на нашиот Старец. Имено, тој дојде во Бигорски во 1995 година и веднаш се зафати со материјална и духовна обнова на манастирот. Тогаш одново се поставуваа темелите на духовноста во нашата земја, воскреснуваше верата во срцата на народот и најголем придонес во тој благороден, но макотрпен подвиг имаше нашиот Старец. Обновата на манастирот во Рајчица започна во 1999 година, кога беа поставени темелите за новите конаци во кои сега живееме. Дворецот на Свети Георгиј, како што народот го нарекува, беше комплетно завршен во 2001 година, кога и започна монашкиот живот на сестринството под духовно раководство на нашиот игумен и владика, отец Партениј, рече нашата соговорничка сестра Ефимија.

Манастирот Свети Георгиј единствен каде се изработуваат митри

 

Манастирот „Свети Георгиј“ е познат како единствен манастир во Македонија во кој се изработуваат митри од чијашто продажба се црпи главната егзистенција. Сестрите досега изработиле над 1200 митри за митрополити и владици од цел свет, но и за вселенскиот патријарх Вартоломеј.

Занаетот за изработката на митри го научиле од игуменот на Бигорскиот манастир и сегашен владика Антаниски,Партениј. Тие се изработуваат од разни материјали, но најважно од сè,при изработката на митрите е креативноста на монахињата и можноста да се моли додека ја изработува оваа ракотворба, затоа што истата се прави за служба односно за молитва.

Освен за православниот свет, сестрите од манастирот во Рајчица имаат изработено и папска Тијара. Ваков дел од одеждата доби сегашниот римокатолички папа Франциск,кој минатата година беше во апостолка посета на земјава. Папата ја добива тијарата во мај 2016 година од македонската владина делегација, кои ја нарачале да биде изработена од сестрите од манастирот во Рајчица.

 

Моментално во манастирот Рајчица се реконструира постоечкиот конак. Работите се во завршна фаза. Пред околу 4 години е започнато сo изградба на нов објект каде ќе бидат дислоцирани работилниците за изгработка на митри, разни ракотворби, икони и слично, кои сега се наоѓаат во постоечкиот конак каде е претесно за толкав обем на работа.

 

 

Идејата е на игуменот Партениј, кој од неодамна е назначаен епископ Антаниски. Под духовно раководство на Отец Партениј се околу 50 монаси и монахињи, кои духовно го хранат народот од големите светилишта: Рајчица, Бигорски и Пречиста Кичевска.

Зоран Димовски

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close