Раст на БДП во вториот квартал означи крај на рецесијата, како до побрз економски раст
Растот на БДП во вториот квартал, е потврда дека економијата е стабилна и ќе расте.
Македонската економија во вториот квартал забележа раст на Бруто домашниот производ (БДП) од 13,1 процент. Ова, според надлежните, е потврда дека економската криза предизвикана од Ковид-19 одминува и економијата заздравува. Најавуваат План за заздравување и финансирање на забрзан раст, кој е комплементарен со Интервентниот план за инвестиции 2021-2027.
Меѓународните финансиски институции повикуваат на масовна имунизација како единствена можност за економско закрепнување. Препорачуваат да се обезбедат чесни правила за набавки, да се воспостави едноставна административна процедура и да се подобри деловната клима за да се привлечат нови директни инвестиции.
На Првата годишна конференција „Економско заздравување и раст по Ковид“ што вчера и денеска се одржува во Скопје, учесниците од земјава и странство порачаа дека треба да се учиме од минатото, да дејствуваме во сегашноста и да се подготвуваме за иднината.
– Она што следи, е подобрување на инвестициската и бизнис клима, отпорност на шоковите, осврт кон зелените инвестиции и дигитализацијата, зајакнување на здравствениот и едукативниот систем како основа за човечкиот капитал, зајакнување на националните институционални капацитети и истовремено одржување на фискална консолидација, нагласи премиерот Заев на отворањето на конференцијата.
Растот на БДП во вториот квартал, според него, е потврда дека економијата е стабилна и ќе расте.
– Официјално е објавено од Заводот за статистика дека во вториот квартал од годинава е регистриран позотивен раст на Бруто домашниот производ во износ од 13,1 процент. Ова значи дека првото пологодие од оваа година постигнавме раст на БДП од 5,6 проценти, рече Заев.
Мерките за поддршка на населението и бизнис секторот, според Владата, ги дале очекуваните резултати. Сочувани се работни места, задржана е ликвидноста на компаниите, а падот на БДП минатата година би бил поголем и би изнесувал -8,7 проценти доколку не биле преземени овие мерки.
Се дејствуваше и на страната на побарувачката и на страната на понудата на економијата, напомена вчера на конференцијата министерот за финансии Фатмир Бесими.
-Во 2021 година продолживме со два дополнителни пакета со повеќе насочени мерки и додавање развојна компонента, вклучувајќи ги компаниите кои работат добро и го зголемуваат бројот на вработени и инвестираат. Нашиот одговор беше „Што и да е потребно“ политика за борба против КОВИД, заштита на животите на луѓето и спасување на економијата. Ова дојде со голема сметка во однос на буџетско салдо и јавниот долг, рече Бесими.
Меѓународниот фактор е задоволен од преземените мерки за време на пандемијата. Македонската економија, велат, покажа дека може да се адаптира и да успее. Сепак, препорачуваат на масовна имунизација како шанса за побрзо економско закрепнување и враќање во нормала.
-Оваа земја докажа дека има волја да ги искористи промените со кои се соочува, уште на почеток на падемијата кога немаше набавки. Текстилните компании брзо почнаа со масовно производство, произведуваа маски. Се овозможи помош на најранливите категори, Владата брзо имплементираше широк опсег на мерки кои ги заштитија работните места. Вашата економија покажа дека може да се адаптира и да успее, да ги надмине предизвиците. Тука е волјата и енергијата, не само да се излезе посилен од кризата, туку и да се воспостават основи за економија која ќе се движи понатаму, изјави американската амбасадорка Кејт Брнз на конференцијата.
Еден од клучните предизвици за побрзо економско закрепнување е вакцинацијата, смета заменик-претседателката на Светска банка за Европа и Централна Азија, Ана Бјерде која вчера на првиот панел на конференцијата предупреди дека забавувањето на вакцинацијата, ќе го забави и економското закрепнување.
– Со вакцинацијата ќе се спасат животи, но тоа е и единствена можност за економско закрепнување, рече Бјерде.
Во следниот период, според неа, фокус треба да се стави на зелената економија и на социјалните нееднаквости.
Подготвеност за финансиска поддршка за проекти од енергетската ефикасност е изразена и од страна на Европската инвестициска банка. На вчерашната средба во Скопје меѓу потпретседателката на ЕИБ за Западен Балкан, Лилјана Павлова и министерот за финансии Фатмир Бесими е посочено дека постои подготвеност од страна на ЕИБ за енергетската ефикасност, одржливата мобилност и дигиталните проекти на Западен Балкан и Северна Македонија, во согласност со Економскиот и инвестициски план на ЕУ, како и во областа на справување со пожарите.