Реакција на МЗШВ во врска со соопштението од ЛЕВИЦА
Со предложените измени во Законот за земјоделско земјиште за прв пат се заштитува земјиштето од 1 и 2 категорија за изградба на фотоволтаици
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во целост ги отфрла и демантира изнесените невистини и лаги од страна на ЛЕВИЦА поврзани со предложените измени на Законот за земјоделското земјиште.
Спротивно на легите од ЛЕВИЦА, со измените кои министерството ги предлага целосно се заштитува земјоделското земјиште од 1 и 2 класа, од можна пренамена на земјиштето за изградба на фотоволтаици.
Исклучокот во законот за пренамена за енергетски објекти кои се предмет на стратешки инвестиции не претставува никаква закана за земјоделското земјиште, бидејќи овие стратешки инвестиции се уредуваат со посебен закон, што значи во една транспарентна законодавна постапка, ќе мора најпрвин да се утврди повисокиот интерес за користење на земјоделско земјиште од прва и втора класа за изградба на енергетски објекти, па дури тогаш да се пренамени.
Дополнително со предложените измени на Законот за земјоделското земјиште се заштитува и земјоделското земјиште од трета и четврта класа, кое сега е предвидено да се пренаменува за изградба на фотоволтаици, само во случај ако во катастарската општина каде се планира градбата, нема друго земјиште кое е од послаба класа.
Предложените измени на законот се јавно прикачени на системот ЕНЕР каде секој може да даде коментар и да се произнесе по дадениот предлог. Законите се за да се почитуваат, но и да се прочитаат пред да се напише соопштение полно со невистини, преку кое се манипулираат граѓаните.
Она што ЛЕВИЦА исто така би требало да го знае пред да манипулира со граѓаните е тоа дека во актуелната законска регулатива за пренамена на земјоделското земјиште не постои никаков инструмент преку кој може да се спречи пренамена на земјоделско земјиште од прва и втора класа за изградба на било каква градба.
Ваквите штетни законски решенија во земјоделството се донесени од една претходна Влада пред 2016 година. За разлика од тогаш оваа Влада и МЗШВ денес прават напори ваквите штетни решенија да ги исправат, водејќи искрена грижа за секој еден земјоделец и за развој на македонското земјоделство.
За нас како министерство секоја една педа обработлива земја е важна и секоја наша мерка и политика е како секоја обработлива површина да ја ставиме во функција за производство на храна, нешто што е и една од главните цели во Националниот план за производство на храна кој како министерство го подготвивме и донесовме минатата година.