
Речиси 30.000 македонски земјоделци „исчезнаа“ за шест години
Најизразено намалување на бројот на вработени има во земјоделството.
Бројот на невработени во Македонија минатата година првпат падна под границата од 100.000 лица, меѓутоа статистичките податоци откриваат дека лани имало само мал пораст на бројот на вработени. Всушност, во претходниот период од 2019 до 2023 година има континуирано опаѓање на бројот на вработени лица.
Нашата bloombergadria.com анализа покажа дека најизразено намалување на бројот на вработени има во земјоделството. Бројот на вработени во секторот „земјоделство, шумарство и рибарство“ во 2019 година изнесувал 91.434 лица, а на крајот на минатата година тој паднал на 62.287 лица. Математиката покажува дека за шест години бројот на вработени во овој сектор се намалил за 29.147 лица.
Забележително е дека во овој шестгодишен период има намалување на бројот на вработени и во преработувачката индустрија, снабдувањето со струја, гас, пареа и климатизација и кај повеќе други дејности. Од друга страна, забележливо зголемување има на бројот на вработени во секторот „информации и комуникации“, во финансиското посредување и во јавната управа и одбрана.
Иселувања
Иселувањето е една од главните причини за намалувањето на работната сила во земјава, а токму земјоделството е сектор за кој постои најмал интерес меѓу младите лица.
Извор „Блумберг Адрија“