Регион „мотор“ на македонското земјоделство – може ли да ја нахрани државата?

Најголем придонес за македонското земјоделство дава струмичкиот крај, а тоа може да се види и низ бројките на Државниот завод за статистика.

Според податоците, во 2015 година, во креирањето на бруто-додадената  вредност во земјоделството во земјава, најголемо учество имал Југоисточниот регион со 31 отсто, потоа Пелагонискиот со 19, 4 проценти, додека најмало учество имал Североисточниот регион со 3,8 проценти.

Во создавањето на вредноста на растителното производство во државата, најголемо учество има  Југоисточниот регион со над 37 проценти, додека во создавањето на вредноста на добиточното производство, најголемо  учество има Полошкиот регион од каде се созадава над 20 отсто.

Југоистокот во 2015 година произвел градинарски култури вредни над 17 милиони денари.

Другите региони се далеку послаби и се движат над 2 милиони денари, или многу помалку и од оваа сума.

Од здружението „Македонска градина“ од Струмица велат дека производството од струмичките села во добра година може да ги задоволи потребите за храна за целата земја.

„Не само што производството може да биде доволно за цела држава, туку може да има и хиперпродукција. Струмичката котлина има добра клима, и сè што ќе се посади, ќе роди. Имаме и работлив народ кој работи во пластениците. Порано имаше само една реколта, а сега производство има преку цела година. Во Струмица најмногу се произведува домат, пиперка, зелка, краставици“ – велат од „Македонска градина“.

Данаил Паланков, земјоделец од струмичко Муртино објаснува дека само едно село, во случајот Куклиш може да ја преплави Македонија со домати.

„Само Струмица да произведува раноградинарски култури, ќе има доволно за цела Македонија. Најголем проблем на македонското земјоделство е што немаме внатрешен пазар, кој ќе ги апсорбира количините, и тука настануваат проблемите“ – вели Паланков.

Бране Атанасов, земјоделец од струмичко додава дека во нивниот регион може да се произведе храна за целата држава, но земјоделецот е во незавидна положба.

„Потребно е доста фактори да се променат пред сѐ во креирањето на политики да тоа земјоделие за нашиот трудољубив земјоделец биде профитабилно и сигурно. Со низа мерки за намалување на цената на чинење на производите, како и субвенционирање за примена на модерни и високо продуктивни технологии на производство сметам дека ќе придонесе да севкупното земјоделие да тргне во нагорна линија“ – објаснува Атанасов. 

Овошје пак најмногу е произведено во Вардарскиот регион во земјава. Најмногу жито е произведено на Истокот, а зад него е Пелагонискиот регион.

Aко се вратиме наназад, во 2014 година, во креирањето на бруто-додадената
вредност во земјоделството во Република Македонија, најголемо учество има Југоисточниот регион со 30,5 проценти потоа Пелагонискиот со 20 проценти, додека најмало учество има Североисточниот регион со 3, 4 отсто.

Во создавањето на вредноста на растителното производство во Македонија, најголемо учество има Југоисточниот регион со бемзалку 36 отсто, додека во создавањето на вредноста на добиточното производство, најголемо учество има Полошкиот регион со 20.6 проценти.

 


 

faktor.mk

Share Button