
Мирчески до Ристевски – Во кое име даваш поддршка на министер кој не ги исплатил субвенциите за ТУТУНОТ!?
Тутунарите имаат право да знаат колку пари се собрани по години, на кој начин се трошени, колку средства има моментално на сметката на Сојузот и за кои намени се потрошени или се трошат.
Почитуван претседателе на Сојузот на тутунопроизводители, пријателе Кире!
Не знам каде се пронајде повикан во мојот текст, па така, меѓу редови, некој ти напишал да ме спомнеш.
Но, тоа како вие ме доживувате мене воопшто не ги интересира тутунарите. Нив ги интересираат многу поважни прашања и одговори што ти, како претседател на Сојузот, си должен да ги дадеш.
Најпрво, кои тутунари те избрале тебе за нивен претставник, па во нивно име јавно да даваш поддршка на министер кој не е способен навремено да ги исплати субвенциите на тутунопроизводителите?
Да бевме нормална држава, каква што очигледно не сме, одамна некои институции ќе се позанимаа со многу работи и активности што се случуваат во земјоделството и околу него.
Второ, за што те плаќаат тутунарите?
Дали ги знаеш своите надлежности и ингеренции како претседател на Сојузот? Дали твоја задача е да даваш политички изјави и јавна поддршка на министри или да ги застапуваш интересите на тутунопроизводителите?
Трето, веќе две години го водиш Сојузот, на чија сметка, според пресметките, се слеале околу еден милион евра средства собрани од тутунопроизводителите.
Затоа, тутунарите имаат право да знаат колку пари се собрани по години, на кој начин се трошени, колку средства има моментално на сметката на Сојузот и за кои намени се потрошени или се трошат.
Со оглед на тоа што Сојузот се финансира со средства што се издвојуваат од секој предаден килограм тутун, сосема е оправдано јавно да објавиш извештај за работата и финансиското работење на организацијата.
Тутунопроизводителите имаат право да знаат колку средства се собрани, колкави се административните трошоци, патните трошоци, надоместоците и сите останати расходи што се финансираат од нивните пари.
Затоа, те повикувам јавно да објавиш годишен извештај за работата на Сојузот, финансиски извештај и завршна сметка, со цел секој тутунопроизводител да добие јасна слика како се управува со средствата што се собираат во негово име. Транспарентноста не е привилегија, туку обврска кон луѓето што го финансираат работењето на Сојузот.
Ако за нешто треба да те има по медиумите, тоа е поради борбата за правата на тутунарите, барањето субвенциите веднаш да бидат исплатени, иницирањето измени на Законот за тутун и барањето забрана за увоз на необработен ситнолистен тутун, а не поради политички изјави, заземање страни и пофалби за, според многумина тутунари, најнеуспешниот министер во историјата на државата.
И на крај, кажи им на тутунарите: колкава ќе биде субвенцијата годинава? Ќе остане ли 100 денари по килограм, како претходните две години, или успеавте да се „изборите“ за 80 денари? Тутунарите заслужуваат одговори, а не политички соопштенија.
Игор Мирчески – поранешен координатор на новоформираните тутунарски здруженија




