fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Сојуз на одгледувачи на овци-Потребен ни е нов и функционален закон за пасишта

Сточарите и земјоделците и досега користеа пари од ИПАРД-фондови, но за инвестиции на приватно земјиште, а сега за прв пат, тоа ќе може да се прави и за инвестиции на државно земјиште.

Македонските сточари со нетрпение го очекуваат новиот закон за пасишта кој треба да им ги отвори вратите за пристап до европските фондови. Сточарите во иднина ќе може подолгорочно да закупуваат државни пасишта, ќе може на нив да градат трла, мандри и друг вид на објекти и ќе може да аплицираат за пари од европски фондови. Овие значајни новини ги овозможува предлогот за новиот закон за пасишта кој е поставен на Единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР).

Сточарите и земјоделците и досега користеа пари од ИПАРД-фондови, но за инвестиции на приватно земјиште, а сега за прв пат, тоа ќе може да се прави и за инвестиции на државно земјиште.

Како посебно значајно за инвестирањето се посочува рокот на закупот. Досега закупите биле на краток рок, а со новиот закон се дават можности за подолгорочни закупи со што се создаваат услови и за оправданост на инвестициите.

Претседателот на Сојузот на одгледувачи на овци, Никола Ѓеоргиев, во разговор за „Зелена берза“ вели дека долго очекуваниот Закон за пасишта сепак има недоследности што ги обесхрабрува сточарите кои се уште не се надминати и покрај сугестиите од сточарските здруженија упатени на состанокот одржан во МЗШВ на 10 јули годинава.

-Сојузот на одгледувачи на овци при претходни состаноци со релевантните фактори за донесување на овој закон сугерира и алудира на итноста за донесување на нов, проевропски и функционален закон за пасишта, кој би требало да не донесе чекор поблизу до европските фондови за сточарско производство, што би значело воспоставување на одржливо, профитабилно и модерно сточарство. Конечно, предлог верзијата стои прикачена на ЕНЕР како закон пред донесување, но  дел од предлозите за нас не се прифатливи и потребни се измени, на што инсистираме, изјави Ѓеоргиев.

Сточарите реагираат на делот каде стои дека наплатата за колективно напасување да изнесува 0,25% од просечната нето плата исплатена за минатата година во Р.С. Македонија по грло ситен добиток, ова за нив е неприфатливо бидејќи просечната нето плата исплатена во државата не го отсликува стандардот на сточарите и затоа бараат да биде просечна нето плата исплатена во сектор земјоделие и сточарство. Во исто време тие реагираат дека предвиден е комплициран начин на докажување на некористење на државно пасиште.

Сточарите инсистираат и на забелешките каде Државната комисија за доделување на пасишта во државна сопственост, ја сочинуваат: еден член од Влада, три члена од МЗШВ, и три члена од Ј.П Пасишта, и не се предвидува претставник од  директно засегнатата страна односно сточарите, било тоа да биде претставник од Сојузот на одгледувачи на овци или претставник на одгледувачи на крупен добиток сеедно, важно да има претставници на сточарите.

Во делот на Стручна комисија за одредување на бонитет на пасишта, Ѓоргиев сметаме дека при изборот на комисијата би требало и сточарите да даваат предлози за членови на комисијата, исто како и комисијата.

-Сметаме дека онаму каде стои дека „корисниците на пасиштата да се опремени со опрема за гасење на пожари и се должни да спроведуваат мерки за заштита од пожари согласно со прописите за заштита од пожари на отворен простор“ за нас претставува апсурд, со оглед на фактот што станува збор за пасиште со спроведени сите мерки како; инвентаризација, наводнување, агромелиоративни мерки – и истото претставува пасиште во вистинска смисла на зборот (зелено со висока хранителна вредност), додека тоа што подлежи на запалување, нема никаква хранителна вредност и капацитет за опслужување на добиток, напоменува Ѓеоргиев, додавајќи дека за почетните вредности на парцелите за индивидуално напасување како Сојуз сметаат дека се предимензионирани, со оглед на фактот што сточарството воопшто трпи дигресија. Бонитетот на пасиштата што ги имаме моментално на располагање се  пасишта обраснати со капини, жбунови, смреки или без пристап за наводнување.

На крај сточарите напоменуваат дека во овој сериозен момент за сточарството, предлозите што доаѓаат директно од нив и нивните здруженија неодложно ќе бидат земени во предвид и дека во најскоро време како држава ќе имаме закон за пасишта, кој би бил широко прифатен од сточарите.

-Само таков закон, прифатлив за нас како сточари, ќе имаме приближување кон фондовите од Европската Унија за постигнување на очекуваните резултати, потенцираше Ѓеоргиев.

 

Што се случува на македонските пасишта?

Во Македонија има проценка за 567.000 хектари пасишта во државна сопственост. Но, ЈП за шуми нема целосна евиденција што им се случува на тие пасишта. Еден дел се дадени под закуп, еден дел се бесправно узурпирани, а дел се со трње, шума и се непристапни. Се проценува дека електронски се евидентирани 50 до 60 отсто од парцелите со државни пасишта.

„Од осамостојувањето на државата не е направена инвентаризација на пасиштата, па од тие причини јавното претпријатие нема точни податоци кои се слободни пасишта кои може да се доделат со јавен оглас како што актуелно е регулирано со законското решение“, пишува во Извештајот за проценка на влијанието на новата регулативата.

Како закупувачи на државните пасишта според новата законска регулатива може да се јават домашни правни и физички лица, но и странски правни лица. Странските фирми имаат право да учествуваат на јавен оглас доколку во државава имаат регистрирано подружница.

 

Анета Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close