вести

Рекреативниот риболов привлечна содржина во туристичката понуда на Охрид

(Oвој напис е објавен на: март 27, 2018)

ribolov

Алтернативните форми туризам зафаќаат се позначаен сегмент од глобалниот туристички пазар. Светските трендови кога станува збор за туризмот покажуваат дека се помал е бројот туристи кои се решаваат за класичен одмор што подразбира лежалка, плажа и базен, наспроти оние кои сакаат времето одвоено за одмор да го минат исполнето со што поголем број содржини, со реализација на најзразлични активности што би им го направиле одморот поинаков. Охрид како наша најпозната туристичка дестинација иако скромно сепак се обидува да ги следи светските токови и се повеќе во својата понуда вклучува и алтернативни и активни форми на туризам како планинарење, велосипедизам, параглајдерство, нуркање… Како алтернативна форма на туризам последните години се повеќе се наметнува и рекреативното ловење риба на Охридското Езеро.

Охриѓанецот Љупчо Стојкоски – Лепи е страстен риболовец рекреативец, вљубеник во езерото и риболовен водич кој последните три години се обидува и може да се каже успешно го вметнува спортскиот риболов на Охридското Езеро како уште една содржина во насока на збогатување на вкупната туристичка понуда на градот.

Стојкоски своите искуства како риболовец рекреативец од иселеничкиот живот во Германија и Холандија се обидува активно да ги инкорпорира во насока на промоција на рекреативниот риболов на Охридското Езеро како атракција за која има се поголем интерес. Toј на туристите им нуди несекојдневно доживување, можност да ловат риби на прекрасното езеро и да го доживеат Охрид и неговата природна убавина на поинаков начин.

– Се поголем е бројот туристи кои независно дали организирано и индивидуално доаѓаат во Охрид покрај основните работи потребни за престој тука со себе носат и риболовна опрема. Мојата интенција е на сите страсни риболовци, но и аматери да им организирам целодневен излет на езерото, обезбедувајќи им се што е потребно за рибарење, од превоз, риболовен алат и опрема и пристап до најинтересните локации за риболов, независно дали се работи за рибарање од брег или на отворено за што се обезбедува и кајче, изјави Стојкоски.

Странците што ќе решат да ловат риба на Охридското Езеро најчесто се рекреативни рибиловци, вљубеници во природата. Тие во најголем дел уловената риба ја враќаат во езерото, но има и такви кои сакаат дел од уловот да го задржат за себе. За сите организаторот обезбедува риболовна дозвола што покрај риболов им дава за право да задржат дел од уловот и тоа до пет килограми по лице, односно до две парчиња доколку се улови охридска пастрмка. Можеби најинтересно во целата понуда е опцијата после завршениот риболовен излет тие да имаат можност да отидат на некое интересно место, дали излетнички локалитет или ресторан каде би можеле да ја приготват рибата што ја уловиле, по локални рецепти или зависно нивните желби.

Рекреативен риболов на Охридското Езеро пробале голем број гости. Рибиловната тура ја имаат искусено бројни туристи од целиот свет, од Холандија, Германија, Полска, Русија, Чешка, Словачка, Норвешка, Унгарија, Италија, од соседните држави, па и од подалечни дестинации, дури и гости од Кина.

– Зависно од типот риболов за кој ќе се изјаснат, на туристите им се нуди риболов од кајче, од брегот на езерото, но и рибарење во рибници во околината, бидејќи дел од нив сакаат сами да ја уловат рибата што потоа веднаш би им била приготвена за добар ручек. Позитивните коментари за своите импресии од риболовниот излет во Охрид се само потврда дека и оваа содржина заслужува внимание да биде вклопена во вкупната туристичка понуда на градот, вели тој.

Кога се работи за риболов на Охридското Езеро, може да се каже дека како содржина наменета за туристи нуди навистина посебно искуство.

– Ловот на клен од кајче може да се спореди со риболов на отворено море, оттаму што се лови на длабочини од 20 до 30 метри. Прозирноста на езерото, во комбинација со убавото време, пикторесната околина нуди навистина несекојдневно доживување што според оценките и коментарите на самите туристи, претставува активност што не може да се опише со збор, туку само да се доживее, вели Стојкоски.

Што се однесува на интенциите тој вид туризам да биде дел од редовната понуда за гостите кои доаѓаат во Охрид, искуствата покажуваат релативно слаб интерес кај туристичките агенции од градот за такви содржини. Или уште полошо, некакви имровизации и обиди специфичните барања на туристите да ги организираат аматерски и на несериозен начин што може само негативно да се одрази врз вкупната слика што тие ќе ја понесат по заминувањето дома. Стојкоски вели дека хотелите и сместувачките капацитети на охридската ривиера веќе посериозно настапуваат, препознавајќи го потенцијалот и бенефитот од збогатување и проширување на понудата содржини за своите гости.

Моментално Стојкоски се обидува рекреативниот риболов на Охридското Езеро да го инкорпорира во пошироката туристичка понуда на градот Охрид, преку вклучување на рекреативниот риболов како содржина што би била дел од презентациите на градот на туристичките манифестации и саеми, барем преку дистрибуција на рекламен и промотивен материјал.

Сепак, недвојбено е дека најдобар рекламен материјал за секоја услуга што им се нуди на туристите се самите искуства на гостите. Позитивните оценки и коментари на риболовци од Холандија резултираа понудата за организиран рекреативен риболов на Охридското Езеро пред неколку години да биде објавена на страниците на специјализиран магазин за риблолов во Холандија. Веќе за наредната туристичка сезона одреден број туристи од Холандија пред да дојдат на летување во Охрид пројавиле интерес однапред закажувајќи рекреативен риболов на Охридското Езеро.


 

слободенпечат

Валентина Соколовска

Зелена берза – Гласот на земјоделецот Заедно со Вас, драги земјоделци, ја создадовме „Зелена берза“, како Здружение на земјоделци, како начин на заедничка работа преку кој ќе стигнеме до нашите јасни заеднички цели: да се слушне гласот на секој земјоделец, да размениме искуства, да создадеме услови во кои ќе можеме успешно да работиме, а земјоделскиот труд да добие соодветен приход. „Зелена берза“, постои за Вас, да ве поттикне, да ве информира, но и заеднички со Вас да се избори за квалитетно и исплатливо производство, за производи кои гарантирајќи квалитет ќе обезбедат сигурност, стабилност и добар профит. Визијата на најголемото, невладино и непрофитно, земјоделско здружение во Р. Македонија – „Зелена Берза“ е да прераснеме во здружение со илјадници членови, здружение со големо влијание врз законските норми кои го регулираат земјоделието и здружение кое ќе му даде глас на секој индивидуален земјоделец. Грб во тешките времиња и земјоделски промотор во добрите. Нашата мисија е да го промовираме македонскиот земјоделец, да градиме партнерски односи со производителите и со трговците, да создадеме заедница на македонските производители на храна која ќе ги претставува и ќе се бори за интересите на современето македонско земјоделие, во државата и странство. Приклучете ни се, бидете дел од нас. Раскажете ја вашата приказна, актуелизирајте го Вашиот проблем, презентирајте ја Вашата идеја, понудете добри совети. Ние сме тука, да го пренесеме Вашиот збор, да преземеме активности и заеднички да креираме успеси, што ни е силно потребно, на сите нас, кои директно или индиректно, сме дел од земјоделието. Успехот во оваа гранка, е успех на животот, зошто здравата храна е еден од клучните фактори за здрав живот, а земјоделецот е неговиот најважен столб. И нашиот месечник е олицетворение на вредностите кои ги застапува Зелена берза. Делењето на бесплатни примероци има за цел да го зголеми опсегот на гласот на земјоделците, заедно да ги решиме децениските земјоделски проблеми, натежнати врз сите нас. Заедно да го продолжиме патот кој започнавме да го трасираме. Креирајте го Вашиот весник, според Вашите желби и потреби. Ние сме тука за Вас. Редакцијата на нашиот и Ваш весник, Ви стои на располагање за споделување на Вашата приказна, Вашите совети и Вашето искуство во земјоделието. Контактирајте не на телефон 071 207 021, преку електронска пошта [email protected] или на страната на ФБ / Зелена Берза Срдечен поздрав, Вашата Зелена Берза

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close