fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаМлад земјоделецТоп вести

Роберт Јанев-Краварството е поисплатливо од овчарството

Јаневи чувале над 1.000 глави овци, сега имаат фарма со 45 крави.

Семејството Јаневи од селото Радање, општина Карбинци, се сточари три генерации. Долги години главна преокупација на ова сточарско семејство им било овчарството. Имале едно од најголемите стада, не само во селото, туку и во Штипскиот регион, кое броело над 1.000 глави овци, а од пред неколку години чуваат крави. Причината постепено да го намалуваат стадото со овци и на крај да се откажат од овчарството била крајно ниската откупна цена на јагнето и проблемот со како што велат тие, скапите овчари.

Јаневи го срушиле бачилото и на неговото место изградиле фарма.

Ацо Јанев(62) е глава на семејството. Сточари од дете, а неговиот син Роберт(36) е млад земјоделец-сточар кој за сточарењето научил од татка си. Тој е новата работна сила, полн со енергија, идеи и визија за развој на нивната семејна фарма. Сликата за едно сложно земјоделско семејство не би била комплетна без женската интуиција, надзор и корекција на  пропуштеното, а во овој случај Ленче, домаќинка на куќата, вредна земјоделка која рамо до рамо со двајцата мажи, од утро до мрак помага и работи на фармата. Ленче има(56) и е регистриран земјоделец.

Младиот сточар Роберт научил како треба да се чува добитокот, но и да прави пресметки како и на кој начин семејството да го зголеми приходот, бидејќи земјоделството им е единствен извор на егзистенција. На јасли во семејна фарма Јаневи одгледуваат 45 крави од кои најмногу молзни, високопродуктивни.

На почеток со парите од овците Јаневи купиле пет крави, а потоа  неколку пати ги удвојувале. Освен во добиток ова мало земјоделско стопанство инвестирало и во изградба на современа фарма и придружни објекти, како и во опрема, а тој процес на модернизација на семејната фарма се уште трае.

-Две години по ред, јагнето беше 100 денари и цела година работевме за ништо пари. Видовме дека работата не оди како што треба, па ги продававме овците и започнавме нов бизнис. Среќа што имавме наша храна и прво купивме пет крави, потоа 15 јуници и еден бик за осеменување и така сега станаа 45, вели младиот фармер Роберт.

Оваа година фармата целосно ја завршиле по две години работа и откако ги вложиле парите што ги зеле продавајќи млеко и телиња, ги вложиле и парите од субвенциите. Сега прават напори со ископ на бушотина да обезбедат вода за добитокот, бидејќи со долготрајните суши последните години проблемот со вода е алармантен и за опстанокот на стоката.

-Телињата ги чувам и ги продавам како тов од триста килограми нагоре, по 10 или 15, како стасуваат, вели  Роберт кој веднаш во старт ја воочил разликата во сточарењето со овци и со крави.

-За овците е потребно многу помалку храна. Ако чуваш крави, а немаш сопствено производство, тешко дека ќе излезеш на крај.  Краварството е поисплатливо и потребна е механизација. Ние дојдовме до неопходното да си ја олесниме работата и тоа преку програмите за земјоделство. Веќе имаме земено ролобалирачки и одобрен ни е миксер за храна, а имаме и цистерна за чистење на каналите, истакна младиот сточар Роберт.

Јаневи дневно предаваат од 550 до 800 литри млеко. Задоволни се од откупната цена на млекото за која велат дека е околу 21 денар по литар. Земаат и дополнителни 3,5 денари за предадено млеко во млекарница.

Но, младиот сточар реагира дека во целост, сточарството е најзапоставена гранка во земјоделството и со слаба исплата на субвенциите. Субвенциите од април ланската година наваму не биле исплатени, а за субвенциите по грло добиток од 2.700 до 3.000 денари смета дека се многу ниски.

На нивната фарма има високопродуктивни јуници, но ниту една не е набавена со субвенционирање на добиток со педигре. Не се корисници на средства од оваа мерка од причина, како што рече Роберт што треба време да се среди документацијата и се само да се покријат трошоците за храна, бидејќи по 4-5 месеци јуниците се стелни, а тоа вели е голема инвестиција.

Јаневи обработуваат 8 хектари своја земја и 18 хектари државно земјоделско земјиште. На три хектари имаат посадено пченка, останатото е со луцерка. Годишно за добитокот трошат по 180 тони луцерка и 60 тони пченка.

-Добивката од работата на фармата е од производството на сопствена храна. Ако купиш храна за два месеци, остануваш во место, вели Роберт напоменувајќи дека сточната храна е многу скапа. Јачменот и  луцерката се продаваат по 13-14 денари за  килограм, а сточарите најмалку добивале државно земјиште.

Роберт е млад земјоделец кој доби неповратен грант од мерката Млад земјоделец 

Нашиот сточар Роберт, лани доби 20.000 евра неповратна финансиска поддршка од државата како млад земјоделец. Веќе  реализира неколку инвестиции за модернизација на фармата како  набавка на млин и молзачки, цистерна и приколка. За мерката вели дека му била од голема помош, но и дека се помалку млади сакаат да работат земјоделие.

-Јас секој ден во 05 и 30 часот сум во фармата и работам до доцна навечер додека не завршам, вели Роберт потенцирајќи дека многу му помагаат неговите родители за се да се заврши.

За него како проблем за добивање средства од ИПАРД Програмата е легализацијата на фармите. Вели дека сточарите не може да аплицираат за средства, бидејќи се чека законот, а со нелегализирани фарми земјоделците не ги исполнуват критериумите и затоа овие средства за нив се недостижни.

-Не можам да ризикувам да земам 30.000 евра кредит, а да ја ставам  куќата под хипотека, не знаеш како ќе биде работата, еве сточната храна е се поскапа, а цената на млекото иста, се пожали Роберт.

Тој смета дека состојбата во сточарството ќе се подобри доколку постои загарантирана цена на сточната храна, млекото, повисоки  субвенции и редовна исплата.

-Сточарењето е наследство од дедо ми само ние инвестираме за да не се мачиме како порано. Се зависи од цената на храната, ако продолжи вака – краварството нема да издржи, дециден е нашиот фармер. Задругите не ги поддржува и вели дека нешто што се растурило еднаш не може повторно да се здружи. Но, затоа како млад земјоделец има идеи што сака да ги оствари. Прва желба му е  да постави најмалку два апарати за точење на свежо млеко на повеќе локации, а со тоа и да дојде до повисока цена на млекото. Втората работа е посериозна инвестиција, да прави брендирано сирење кое соодветно ќе го пакува и пласира како сопствен производ на пазарот.

Без работа пари нема, советува искусниот сточар Ацо

Ацо, ги поддржува идеите на синот и тој вредно работи на фармата. Пред  десет години го понесе признанието за најуспешен сточар во Штипскиот регион. Сега има одмена, но одлуките поврзани со фармата заедно се носат. Ацо се грижи за кравите, а посебно е посветен на бикот Зоки кој од неодамна е дел од стадото, а се чува посебно.

-Му го дадов името по првиот газда. Сега има 14 месеци и има околу 700 килограми. Досега има оплодено околу 15 крави. Ќе го чувам до две години. Го купив како теле и тоа како приплоден со потекло од Чешка, платив 14.000 денари. Добар е и на месо, вели Ацо среќен што неговиот син сточари и ќе ја продолжи традицијата во семејството.

-Синот работеше за плата и знае колку може да земе. Јас продадов 650 јагниња и самиот тој виде колку пари може да се заработи ако работиш вредно. Потоа одлучи дека повеќе нема да оди на работа, раскажува Ацо за моментот кога син му одлучил да биде фармер.

-Секаде има проблеми, но задоволни сме. Работиме, без работа  пари нема, докажано е, советува сточарот Ацо.

Ленче Јанева е столб на семејството, која работи неуморно на фармата. Таа ги храни кравите, трипати на ден ги молзи, а потоа го цеди млекото. Полесно вели било молзењето на крави, отколку на овци.

Ленче вели дека жените сами треба да се изборат и да бидат почитувани како земјоделки, подеднакво вредни и како мажите. За неа има само работа која со помош може полесно да се заврши. Задоволна е од повисоките субвенции кои што ги добиваат жените кои се носители на земјоделски стопанства. Како жена-фармер, Ленче конкурирала и добила шест хектари државно земјиште под наем, а следно што очекува е да добие со државна помош нов трактор.

Јаневи имаат три стари трактори, велат со нова механизација  поефикасно ќе ја обработуваат земјата и ќе произведуваат повеќе храна.

 

Јулија Малинова за Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close