Саботковски: Јавно ја поддржав иницијативата за измени на Законот за откуп на тутун
Во Могила се започна постапка за поставување на фотоволатици на спортска сала и училиштата во Добрушево и Ивањевци, а јавно ја поддржав иницијативата за измени на Законот за откуп на тутун, вели Саботковски.
„Поминаа 100 дена откако ја извршувам функцијата градоначалник на општина Могила. Сто дена заедно со мојот тим, Советот, општинската администрација и комуналнотo претпријатие работиме дисциплинирано, домаќински и вредно ги исполнуваме барањата на жителите за подобра и просперитетна општина Могила. Транспарентноста во работата е еден од најважните сегменти за успешна работа на градоначалникот и затоа моите сограѓани секогаш ќе бидат вклучени во креирањето на општинскиот Буџет”, истакна градоначалникот на општина Могила, Драганчо Саботковски на регионалниот отчет насловен „Промени што носат иднина – 100 дена локалната власт, отчет на ВМРО-ДПМНЕ.
Саботковски додаде дека Општина Могила е задолжена околу 30 милиони денари што е сериозна сума. Извршните наплати од милионски суми се показател на недомаќинското и лошо работење. Блокирани сметки на училишта и куп проблеми кои се таложеле. Високи суми за репрезентација, вработени кои не доаѓале на работа и тендери со надминати суми, се дел од причините зошто се побара од Државниот завод за ревизија да изврши контрола на досегашното работење.
„Со општинската механизација реализиравме низа акции за чистење на општина Могила. Со уредување и чистење на парковите во поголемите населени места и одржување на јавна чистота успеавме да исчистиме повеќе локации. Се расчисти покрај патот на на влезот во село Долно Српци, со општинскиот скип се донесе вода во црквата „Света Богородица” во Мусинци. Во село Добрушево се чистеа канали од дрвја и грмушки на критичните места. Во декември внатрешно се опреми мултифункционалниот објект во село Могила. Канцеларијата за матичната служба е опремена како и делот во кој ќе се склучуваат бракови. Опремен е просторот за нова библиотека во Могила, просторот за изложби и салата за работни средби. Дел од градежните активности за мултифунционалниот објект во село Добрушево се веќе завршени. Исто така, во тек е проектот за подобрување на енергетската ефикасност во јавниот сектор, кој опфаќа поставување на фотоволтаици за производство на електрична енергија на покривите на спортската сала во Могила и училиштата во Добрушево и Ивањевци. Овој проект е од особена важност во период на енергетска криза”, нагласи Саботковски.
Саботковски посочи дека заедно со градоначалниците од регионот се потпиша и Меморандум за поддршка и унапредување на демократските процеси во рамки на проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија”. Целта на оваа соработка е активно учество на младите од руралните средини. Предлог проектот од младите ќе се реализира до септември.
„Над 30 барања за социјална парична помош се исплатени во месец јануари. Над 20 предмети за легализација се потпишани и доставени. Почната е репроценка на имотите со цел ажурирање на податоците за имотот и даночни обврзници преку проект „Зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите” кој се реализира во соработка со USAID. Во тек е опремување на основните училишта во општината со потребните наставни средства и помагала за поефикасна реализација на наставата. Во тек е и повик за финансиска поддршка за сите спортски клубови, организации и здруженија од општина Могила преку јавен повик за доставување на барања”, додаде Саботковски.
Саботковски укажа дека Могила е земјоделска општина, на најголем дел од жителите земјоделството им е основно или дополнително занимање. Како градоначалник застана до тутунарите кои изразија револт поради ниската откупна цена на тутунот и јавно ја поддржа иницијативата за измени на Законот за откуп на тутун.
„Иако направивме многу, сè уште сме на почетокот од нашиот мандат. Во текот на оваа година ќе биде завршена реконструкција на главната улица „Широка” во должина од 1200 метри. Проектот опфаќа комплетна изработка на коловозната конструкција, изградба на тротоари од двете страни на улицата, кружен тек и атмосферска канализација. Го корегиравме и надополнивме проектот за изградба на првата градинка во село Могила со капацитет од 30 деца, што ќе започни со изградба оваа пролет, со што ќе се реши проблемот на многу родители. Конечно индустриската зона Петилеп започнува инфраструктурно да се уредува. Оваа година ќе се гради водовод во зоната. Ќе започне и изградба на главен доводен цевковод за водоснабдување на селата Беранци, Д.Српци, Ивањевци, Св. Тодори, Трновци, Вашарејца и Лознани финансиран од средствата од ТАВ Македонија”, рече Саботковски.
Саботковски посочи дека со домаќинско работење се исполнуваат ветувањата, се создава нова иднина, промените се видливи, ќе биде подобро бидејќи друга опција нема. Со работа, чесно кон промените што носат иднина.
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ