вести

Само скопјани ќе јадат поскап ајвар

За пет до десет денари по килограм скопјани поскапо ќе ги платат пиперките ајварки од кои ќе прават зимница годинава. Во сите други делови на Македонија, цената на куртовската капија се очекува да биде иста како лани, односно да се движи од 25 до 30 денари за килограм, во зависност од квалитетот.

samo skopjani kje jadat poskap ajvar

 

Во пресрет на сезоната на зимници, одгледувачите на пиперки за ајвар велат дека тие ја 5 немаат променето цената, иако е се поскапени репроматеријалите. Според нив, поскапувањето, и тоа само во главниот град, не е поврзано со невремето туку со лична проценка на прекупците.

„Цените ги зголемуваат прекупците кои наголемо ги откупуваат ајварките од нас. Во Струмичко килограм ајварка на големо чини од 15 до 20 денари, иако оваа цена е на раб на исплатливост. На оваа цена прекупците ставаат 100 отсто заработувачка, односно ги продаваат за 15 до 20 денари поскапо. Ќар имаат само тие. Во загуба се и земјоделците и крајните купувачи”, вели Драги Памуков, претседател на здружението на градинари „Кукла градинар”.

Според прекупците, ајварката во Скопје доаѓа од Струмичко, и високата маржа е ставена поради големите транспортни трошоци. Прекупците велат дека и со олку висока маржа, нивната заработувачка е многу мала.

Родот на ајварката годинава е зголемен за 10 насто. Лани во Македонија биле произведени 70 илјади тони куртовска капија, а годинава нивите родија околу 80 илјади тони.

Градинарите очекуваа да биде откупен целиот род и да не се појават вишоци на пазарот.

Пред еден месец, на состанок во Струмичко беше договорена откупната цена на ајварката. Тогаш земјоделците добија ветување од Министерот за земјоделство Михаил Цветков дека нема да дозволат да влезе ниту еден килограм ајварка од Турција, се додека не се продаде последното парче пиперка од домашно производство.

Правилниците на ЕУ не ја загрозуваат ајварката

Нема ограничување за производството и пласманот на ајварката и на домашните сорти домати во странство, откако ЕУ донесе правилници за трговија со традиционални земјоделски култури. Од Министерството за земјоделство велат дека овие прописи не важат за македонските земјоделци и нивната примена не ги загрозува производство и пласманот.

Според Министерството, и двете култури имаат скромен род и не се извезуваат, бидејќи не можат да издржат долг транспорт, туку се продаваат на локалните пазари во Македонија или како суровина за преработувачката индустрија.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close