fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Се бара разрешување на министерот Цветан Трипуновски

Независен синдикат на полицијата: Поднесовме барање за разрешување на министерот Трипуновски

Денес до претседателот на Владата, поднесовме Барање за разрешување на Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.

Како Грански независен синдикат на полицијата кој брои над 4.000 членови, во чиј состав влегува Независниот синдикат на шумската полиција и администрација, како репрезентативен синдикат на ниво на Министерството, синдикат кој застана зад Министерот Цветан Трипуновски во времето кога сè уште не беше Министер, како синдикат кој вистински веруваше во зборовите кои ги кажуваше, синдикат кој го промовираше за вистинскиот човек за Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во времето кога ниту еден друг синдикат немаше храброст да застане зад него, Ви се обраќаме со ова формално Барање за негово разрешување од функцијата Министер во рамки на најавената реконструкција на Владата.

Ова наше Барање е резултат на длабокото разочарување од неговото постапување и односот кој тој го има не само со нас како синдикални претставници, туку и со вработените во Министерството и вработените од шумската полиција, но и со граѓаните генерално. Ова наше Барање доаѓа по игнорантскиот однос кој трае веќе една година, период во кој тој воопшто нема одговорено на ниту едно наше официјално Барање, информација или било каков допис кој ние го имаме доставено. Сметаме дека е апсолутно недозволиво еден претставник на Влада што се декларира за народна, транспарентна и принципиелна, да има ваков однос кон било кој синдикат, а најмалку кон еден репрезентативен кој претставува 1/3 од вработените. Неговиот арогантен однос за разлика од сите останати Министри во Владата со кои имаме одлична комуникација и соработка, воопшто не соодветствува со вредностите на Владата и политичката опција која тој ја претставува, ниту пак со основните принципи на демократско и транспарентно владеење. Односот во кој се изнаслушавме лаги од негова страна, а на последната изнудена средба која ја имавме на 15.05.2025 година, бевме оставени да чекаме цел еден час пред неговиот кабинет и на која воопшто не беа сослушани нашите добронамерни забелешки кои доаѓаат од вработените, на кои тој им ветуваше дека ќе бидат вклучени во сите процеси, е целосно спротивен на нашите очекувања и на очекувањата на граѓаните.

Се надеваме дека претседателот на Владата сериозно ќе ја сфати состојбата и ова наше добронамерно Барање, а најавената реконструкција на Владата ќе претставува можност за корекција на ваквите кадровски пропусти кои фрлаат сенка на сите останати избрани и именувани функционери кои искрено и чесно си ги вршат своите функции и нема да бидеме приморани револтот да го искажуваме преку прес конференции и протести кои поради поединци ќе бидат на штета на Владата во целина.

Независен синдикат на полицијата

претседател Мартин Ефремов

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close