Се кројат лозјата во Тиквешко, а аргати се помалку
Голем број од аргатите кои во минатото можеа да бидат ангажирани околу резидбата и изнесувањето на искроените лозови прачки од лозјата, сега се вработија и тешко може да се дојде и до слободна аргатска рака.
Се кројат лозјата во Тиквешко. Лозарите велат дека тие што имаат поголеми лозови плантажи, не можат да го чекаат верскиот празник Свети Трифун кога традиционално симболично се стартува со резидбата, затоа што, ако подоцна почнат со кроење, нема навреме да стигнат со оваа првична операција во новата гроздоберска сезона.
– На големо се работи во лозјата во Тиквешко. Ќе го славиме празникот „Свети Трифун“ кој е на 14 февруари и се смета за заштитник на лозарите, но, дотогаш ќе го искористиме времето за да ги поднамалиме работите во нашите ниви. Сепак со резидбата имаат побрзано оние кои имаат големи земјоделски површини засадени со лозје. Oние помалите производители на грозје, сепак ќе го почекаат празникот и до крај ќе ја испочитуваат традицијата во највинската област на државата, рече за МИА, Дане Јошев, претседател на регионалното здружение „Тиквешки лозароовоштари“.
Тој нагласи дека лозаропроизводителите кои имаат поголеми парцели со винови лози мораат да побрзаат со кроењето и поради една друга причина, што станува се поактуелна во регионот.
– Имено, голем број од аргатите кои во минатото можеа да бидат ангажирани околу резидбата и изнесувањето на искроените лозови прачки од лозјата, сега се вработија и тешко може да се дојде и до слободна аргатска рака. Се менуваат работите на пазарот на трудот во Тиквешко, па сега или не можете да најдете добар аргат, или се соочувате со зголемени цени за услугите за аргатска работа, додаде Јошев.https://kanal5.com.mk/