Се сее сончоглед, по Благовец ќе се сади и пченката

(Oвој напис е објавен на: February 25, 2017)

Почна пролетната сеидба во најголемата житница во земјава, Пелагонија. За разлика од минатогодишната влажна пролет, кога по големите поплави нивите тонеа во вода, годинава временските услови се идеални за сеидба. Сончевото време ги израдува земјоделците и тие почнаа да го сеат сончогледот. Во тек е подготовка и на другите земјоделски површини за сеидба на пченка. Земјоделците велат дека пооптимални временски услови за сеидба не паметат во последните години.

se see sonchogled po blagovec kje se sadi i pchenkata

– Времето ја засуши земјата, зашто не е важно да е сува само пет сантиметри, а долу влажна, па да се набие кога ќе влеземе со тракторите. Деновиве ќе ги посееме пченките зашто останало од старите дека пченки на отворено се садат по христијанскиот празник Благовец. Се случувало на тој ден температурата да падне под нулата или да заврне снег. Но, ако времето не се промени, годинава ќе имаме оптимално добри услови за сеидба на пченка, луцерка и друго – вели Борче Врџовски, земјоделец од битолското село Логоварди.

Сончевото време им оди во прилог и на есенските култури, пред се, на пченицата.

– Времето создаде услови да ги прихраниме и заштитиме есенските култури. Можеби кај нив ќе се појават некои болести поради обилните врнежи дожд, кои паднаа пред две недели. Но, тоа нема да биде во изразена мера. Засега и пченицата се развива оптимално добро – додава Врџовски.

Во тек е подготовката на расадот за тутун и за индустриските домати.

Од подрачното одделение при Министерството за земјоделство во Битола потврдија дека годинава навреме почна пролетната сеидба во Пелагониско за разлика од лани, кога доцнеше поради поплавите. Од таму велат дека временските услови се идеални за сеење и примена на агротехнички мерки.

– Земјоделците почнаа со реализација на своите планови за годинешната сеидба. Почна сеењето на сончогледот, но истовремено и со примена на агротехнички мерки за да се подготват другите површини за сеидба на пченката – вели Илија Србиновски, раководител во подрачната единица на МЗШВ во Битола.

Годинава во трите пелагониски општини Битола, Могила и Новаци се очекува да бидат засеани 18.000 хектари со пченка, индустриски култури и друго. Тоа е за околу триесет проценти повеќе засеани површини отколку пред десетина години.

– Зголемувањето на обработливите површини во Пелагониско се должи на аграрната политика, која се води во државата со зголемување на субвенциите. Можеме да кажеме дека пред десетина години во пролет во Пелагониско се засејуваа од 13.000 до 14.000 хектари земјоделско земјиште, а денес 18.000. За споредба, во 2003 година во цела држава за субвенции се издвојуваа 4,5 милиони евра, а сега годишно само во Пелагонија за субвенции се слеваат 12 милиони евра – вели Србиновски.