Сечењето на шумите нема да ја реши кризата со храната
Зголемувањето на површините под земјоделското земјиште, е главна причина за уништувањето на шумите, но не е најдобар начин за да се гарантира безбедноста во секторот на храната. Ова го пишува во новиот извештај на Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО). Според генералниот директор на ФАО, Жозе Грацијано да Силва не е потребно да се сечат шуми за да се произведе повеќе храна.
Земјоделството изгледа дека има ненаситен апетит за нова земја. По седум милиони хектари тропски шуми биле исечени секоја година во периодот 2000- 2010 година. За истиот период обработливата површина е зголемена за 6 милиони хектари, покажуваат податоците на организацијата.
Загубата е само делумно компензирана од природното проширување на шумите врз напуштено земјоделско земјиште, кое достигнува 2,2 милиона хектари годишно во тој период. Активното пошумување, пак, изнесува 3,1 милиони хектари.
Правилно управуваните шуми може да бидат многу ефикасни алатки за постигнување на целите за одржлив развој утврдени во септември 2015 година на самитот за одржлив развој на ОН. Шумските ресурси може да се користат за намалување на неисхранетоста, подобрување на заштитата и обновата на водните екосистеми и пристап до одржлива енергија, како и борба против климатските промени, истакнуваат од ФАО.
– Безбедноста на храната може да се постигне преку интензивирање на земјоделството и други мерки, како што се социјалната заштита, а не преку проширување на земјоделските површини на сметка на шумите – вели Ева Милер, директор на одделот за шумите во ФАО.
Намалувањето на шумите уништува цели екосистеми кои ги штитат водениот циклус, апсорбираат јаглероден диоксид и формираат природни бариери за штетници, пишува во извештајот. Шумите освен тоа се одразуваат благотворно на локалната клима и обезбедуваат живеалишта за важни опрашувачи и други видови.
Шумите најчесто се сечат за да се отворат терени за обработливо земјиште во земјите со ниски приходи и многубројно селско население, констатира организацијата. Тоа се забележува со векови, но во минатото шумите природно се обновувале на друго место.
Во Африка, на пример, малото земјоделството е главниот мотор на уништувањето на шумите. Сиромашните домаќинства често користат нискодоходовни техники кои бараат многу земја.
Според ФАО, сегашното брзо темпо на уништување на шумите во тропските и суптропските области се должи во голема мера на земјоделството (40 отсто), малото локално фармерство (33 отсто), како и развојот на инфраструктурата, експанзијата на урбаните зони и рударството (23 отсто). Овие броеви може да се разликуваат значително во зависност од регионот, пишува во документот.
Промените во земјиштето често се придвижуваат и од демографскиот раст и промена на навиките, промената на методите на одгледување, развојот на пазарите, технолошките подобрувања и активни политички интервенции.