На Шпанија и се потребни илјадници сезонски работници
Шпанија се соочува со недостиг на земјоделски работници поради затворањето на границите, а владата одобри привремена мерка за вработување невработени лица и имигранти во рамките на нејзините граници за да се избегнат недостигот на храна.
Сезонските работници од Романија, Бугарија и Мароко кои обично доаѓаат во Шпанија не можат да патуваат заради коронавирусот, за време на сезоната на берба на овошје и зеленчук.
Десетици илјади работници недостасуваат во провинциите како Андалузија, Мурсија, Екстремадура, Арагон и Каталонија.
Шпанија извезува две третини од своите земјоделски производи во земјите на ЕУ и во моментов недостасува помеѓу 75.000 и 80.000 сезонски работници, предупреди шпанскиот министер за земјоделство Луис Планас.
„Ќе се насочиме кон невработените. Оние што во моментот добиваат стимулации или бенефиции за невработеност, ќе можат да ги надополнат своите приходи работејќи на терен. На странците чија работна дозвола истекува пред 30 јуни ќе им бидат обновени за работа во земјоделството “, рече Планас на прес конференцијата.
Мерката ќе биде на сила до 30 јуни и ќе им помогне на оние што ги загубиле своите работни места поради затворањето на компании и објекти во другите сектори.
Од прогласот за итни случаи на коронавирус на 14 март, околу 47 милиони жители се наоѓаат во изолација во своите домови. Дозволено им е само да одат по продукти , аптеки, болници, киосци, банки, бензински пумпи и да го шетаат кучето.
Производството и дистрибуцијата на храна продолжи а работи без проблеми, но многу странски работници со намера да дојдат во Шпанија не можеа да ги напуштат своите земји.
Според договорот меѓу Шпанија и Мароко, околу 16.000 привремени работници, претежно жени, сакале да дојдат од таа соседна земја во јужната провинција Андалузија за да берат јагоди, капини и малини, но пристигнале помалку од 8000.
Работниците од ЕУ, како оние од Бугарија и Романија, исто така не беа во можност да дојдат.
„Во ЕУ практично нема движење на жителите во ЕУ … тоа е уште повеќе видливо во Шпанија“, рече министерот.
Сојузот на шпански увозници и извозници на овошје и зеленчук ФЕПЕКС проценува дека ќе бидат потребни 16.000 дополнителни работници во април, 18.000 во мај и 28.000 во јуни.