Слатко од цреши
Сезона е на цреши од кои може да се направи вкусно слатко. За слаткото се користат бели, но ако немате од оваа сорта, тогаш користете розово-црвени, малку потврди цреши.
Потребно е:
800 г исчистени цреши, без семки
1 кг шеќер
1 лимон
2 ванилин шеќер
250 мл вода
Во едно тенџере ставете еден килограм шеќер и 250 мл вода, па откако ќе зоврие варете го 10-тина минути за да се згусне шербетот. Сирупот треба да биде густ за да немате потреба подоцна подолго да го варите слаткото, а црешите да ви се преварат.
Ставете ги црешите и со шпатула малку промешајте. Додадете и половина лимон исечкан на тркалца и ванилин шеќер. Повеќе не го мешајте слаткото, туку протресувајте го тенџерето.
Додека се вари слаткото тргајте ја пената. Пред крај додадете рендана кора од лимон и втората половина од лимонот, исечкан на тркалца. Лимонот, секако, се додава по вкус.
Варете го слаткото на повисока температура додека сирупот да почне да згуснува, малку поретко од мед. Слаткото е готово кога сирупот од лажицата не тече во еден млаз, туку во прекини, т.е. во капки.
Вареното слатко покријте го со влажна крпа и оставете да излади, а потоа складирајте го во чисти стаклени тегли.