fbpx
ВестиМакедонијаРурален туризамТоп вести

Слепче се крепи на фабриката за балетанки

Демир Хисар

Слепче се крепи на фабриката за балетанки

 

Политиката со сигурност ги подели луѓето во Слепче. Дури немаат ни муабет свои луѓе. На слави се зборува само за политика и земјоделие, вели Гоце Геговски, пензионер од Слепче.

На два километри јужно од градот Демир Хисар, во подножјето на Илинска Планина, со околу сто и педесетина куќи, со околу петстотини жители, претежно повратници-печалбари,живее демирхисарското село Слепче. Природата му дарила отповеќе на ова село, непрегледни шумски пространства, извори од кои блика чиста изворска вода,спој на новата и стара архитектура за чија восхитувачка убавина многумина можат да му позавидат.

Легендата ја знаете за Слепче. Низ селото поминал Царот Самоил со војската која била ослепена, оттука и името на селото. Некогаш селото било горе десно пред Слепченскиот манастир, за време на двете светски војни луѓето се криеле во шумата, за подоцна селото да се спушти подолу, каде е лоцирано и сега.

Слепче е едно од најживите села во демирхисарско, за многумина и најнадежно село откако пред седум години овде се отвори фабриката за балетанки, странска гринфилд инвестиција. Сместена во објектот на Домот на културата фабриката вработува седумдесеттина работници, претежно жени.

-Во Слепче жената си живее убаво, работиме во фабриката за балетанки и добро сме платени. Ако жените работат земјоделие, работат по малку тутун. Сите се дружиме на кафе муабет и мобилните в раце, вели Мануела Карчевска, родена во Данска каде живеела до 11 години, а сега живее и работи во Слепче.

Гоце Геговски жител на Слепче, повратник од странство вели дека селото е најголемото и најбројното во овој крај, и покрај тоа што во осумдесеттите години селото броело 1300 жители, а сега не се ни 500 жители.

-Луѓето заминаа Германија, а многу се иселија и во Австралија. Јас бев во Данска 9 години, си дојдов како за поарно, ама ништо. Сега селото се крепи на фабриката за балетанки, работат повеќето жени. Во Демир Хисар се се затвори и Монополот и фармата и другите фабрики. Општината и државата мора да сторат напор да се отворат некои фабрики за младите да не заминат, така ќе биде во ред. Сега младите одат и во фабриката во Битола. Пензионерите преживуваме со троа  пензија, ама тоа се трошки, вели Геговски.

Во Слепче има две колонијални продавници и тие се врталиште на мештаните, да си кажат и да си разменат по некој муабет. Но, колку што убавиот збор ги соединува, толку политиката ги разединува.

-Политиката со сигурност ги подели луѓето во Слепче. Дури немаат ни муабет, свои луѓе, не зборуваат никако меѓу себе. На слави се зборува само за политика и земјоделие, вели Геговски, пензионер од Слепче.

 

Од скопскиот метеж, мир се бара во Слепче

Неколку семејства од Скопје нашле прибежиште во Слепче. Велат раатот во селото не се плаќа ни со злато.

-Пред десеттина години од Скопје се преселивме во Слепче, сопругата потекнува од овде. Скопје не се живее. Овде уживаме во природата, во воздухот. Си купивме куќа и тука си останавме, си садиме бавча, се дружиме со селаните. Овде населението се претежно повозрасни, ама има и десеттина дечиња што учат во школото до петто одделение, вели Јован Миладиновски, роден скопјанец.

Пензионерските денови на село ги поминува и Славе Јошевски.

-Овде животот е многу убав, најубав. Златна природа си имаме околу нас, овошје колку сакаш, се што ќе каснеш е здраво. Пчели имаме, тутун, грав, пченка. Јас лично  работам 30 декари земја, чувам зајаци, гулаби, се занимавам и уживам на раат, вели пензионерот Јошевски.

 

 

Во Слепче се живее ем градски, ем боемски

Слепче е дом на ликовниот уметник Љубе Неделковски-Бобек сликар на ретки икони, кој својата инспирација ја црпи од Слепченскиот манастир од импресивното културно богатство на демирхисарскиот крај, од традицијата. Бобек, така го именуваат сите негови соселани досега изработил над 2000 цртежи и икони, а меѓу нив и ретките икони на Богородица Троеручица и Богородица Патеводителка.

Бобек имал можност да го напушти својот роден крај, но одлучил да остане во Демир Хисар и таму да отвори свое ателје и галерија.

-Изработувам  икони на теракота, на керамика, на камен, на дрво, експресионистички, импресионистички пејзажи. Живеам во Слепче и овој крај особено Слепченскиот манастир е инспирација за многу уметници од државата и пошироко, не само за мене, вели Бобек, откако вратите на неговиот дом срдечно ги отвори за „Зелена берза“.

Икони насликани на чисто дрво, старо повеќе од 200 години го красат и неговиот дом. За тежината на самата изработка на иконата на шега вели дека е доволна за да го сруши ѕидот.

-Богородица Троеручица е единствената икона која ја имаат манастирите во Слепче и на Хиландар. Оригиналната икона е во Хиландар во Грција, но таа не била со три раце, туку едната рака била аплицирана во метал. Некој монах во манастирот во Слепче ја насликал кон крајот на 16 век со три раце. Таа од Слепче е однесена во музејот во Скопје, па јас одлучив да ја насликам. Исто е и со Богородица Патеводителка и таа е во Музејот во Скопје, но оригиналната потекнува од манастирот од Слепче, раскажува Неделковски.

 

Прадедото на Бобек, Стојан Неделков учествувал во зографисување на Слепченскиот манастир, па многу историчари на уметност за внукот Неделковски  ќе кажат дека љубовта кон уметноста кај него е како генетска предиспозиција.

Во манастирот во Слепче постои натпис-„Ас Стојан Неделков од село Слепче,одСугаревци, се стори себап манастирот да се зографиса со тајфата и сите по мене“.

Делата на Љубе Неделковски-Бобек ги красат ѕидовите на многу институции, галерии и приватни збирки низ целиот свет.

 

Анета Блажевска

 

 

 

 

 

Слични написи

Back to top button
Close