fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

„Снеже овчарката“ од Мрзенци без предрасуди ја испишува својата успешна земјоделска приказна

Жена-земјоделка

Од мала во Мрзенци ја викаат „Снеже овчарката“. Жена-земјоделка која сакала да живее во град, но сепак ја продолжила семејната сточарска традиција. Денес чува три крави, две телиња и околу 150 овци, има 3,5 хектари земјиште, произведува свежо млеко и месо.

Снежана Танева, ведра, насмеана и непосредна, вели дека работи со задоволство и ништо не и е тешко иако има куп обврски. Отсекогаш се „врткала“ околу татко и кој, додека бил жив, се грижел за фармата и добитокот. Семејниот бизнис сега го води заедно со својот брат, но има голема поддршка и од сопругот. Во Гевгелија, каде што живее, му е посветена на семејството, а во Мрзенци фармата и добитокот се на прво место.

Не и е лесно, вели, да се справува со предрасудите, со средината во која „по правило“, мажите се „главни“. Сепак, не се откажува.

– Да се биде жена земјоделец не е предност, туку голем предизвик. Засега добро се справувам со проблемите и упорно ја туркам сопствената приказна. Предрасудите, генерално, се уште постојат. Можеби полека се надминуваат, но тоа оди навистина бавно и тешко. Конкретно, кај нас, многу ретко може брат да и дозволи на сестрата да биде сопственик на фармата, како во мојот случај. По некое непишано правило, машкото мора да е „газда“, така е останато. Затоа, многу од моите соселани, па дури и роднини и пријатели, и по десет години се уште ме осудуваат зашто добитокот и земјата се на мое име. Но, јас и брат ми така се договоривме и тоа е наша работа, нагласува Танева.

Таа моментно се соочува со неколку предизвици, но два, нагласува, се клучни: фармата не и е легализирана, а во селото уште ја гледаат со обвинување и ја „покажуваат со прст“ зашто веќе десет години е сопственик на стоката и земјата, а не брат и.

– Со брат ми заедно го водиме бизнисот. Имаме три крави, две телиња и околу 150 овци, како и 3,5 хектари земјиште. Парцелите ни се мали, расцепкани, земјиштето не ни е окрупнето. Произведуваме свежо млеко и месо. Пласманот секогаш ни е однапред договорен и гарантиран зашто нудиме квалитет. Млекото ни го откупува локална слаткарница, а месото оди за потребите на кафеаната во селото. Инаку, сопругот ми е инженер, максимално ме поддржува во работата, но никогаш не размислува и тој да стане земјоделец, дури бара да се доедуцирам, поради што моментно учам за медицинска сестра. Мене ништо не ми е тешко. Одлично го организирам времето: се грижам за семејството и воедно целосно и навреме ги извршувам сите обврски околу добитокот. Постојано сум на релација Гевгелија – Мрзенци, истакнува Танева.

Обврските се огромни и комплицирани. Само чувањето животни, објаснува Танева, бара исклучителна посветеност, постојана грижа, нега и третман.

Во однос на статусот жена-земјоделец, Танева нема дилеми. Горда е, вели, и така, според неа, треба да се чувствуваат сите жени-фармери.

-Жената-земјоделка од една страна е мајка, сопруга и работник, а од друга, столб на општеството, произведува храна: млеко, месо, сирење, зеленчук. Посебно сега, во услови на корона пандемија, ние сме клучниот фактор од кој зависат сите. Но, многу е битно и жената земјоделка да знае да се цени, најпрво самата, зашто само така ќе си го обезбеди вистинското место во општеството. Државата, исто така, треба да застане зад нас, на жените-земјоделки да им даде уште поголема поддршка, истакнува Снежана Танева од Мрзенци.

Според последните статистики, само четири проценти од жените-земјоделки се газдарици на имот. И податоците за родовата еднаквост покажуваат дека во македонското земјоделство приматот се уште го имаат мажите. Тие доминираат во сите возрасни групи. Но, има и по некоја „светла“ приказна, како оваа на „Снеже овчарката“, што може да бидат пример, поттик и охрабрување за жените-земјоделки.

MИА

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close