вести

Со 2,5 милиона евра вакцинација против свинска чума и беснило

Превентивна вакцинација против класична чума кај свињите, вакцинација против беснило на сите домашни кучиња и мачки, третирање со средство што дејствува против ехинококоза, борба против син јазик и птичји грип се само дел од Програмата за здравствена заштита на животните за годинава. Државата за таа цел одвои 2,5 милиона евра, кои во најголем дел ќе бидат наменети за набавка на вакцини и за спроведување низа мерки за да се запази здравјето на животните. Предвидено е дел од парите освен за вакцинација да се искористат и за дијагностички тестови со цел да се утврди здравјето на одредена група животни. Здравствената заштита ќе ја прават овластените ветеринарни друштва, а дел од вакцините ќе бидат потполно бесплатни за сопствениците. Во Програмата, освен говедата, вклучени се и свињите, овците, козите, но и кокошките и другите пердувести животни. Особено внимание им е посветено на домашните миленици.

so 2 5 milioni evra vakcinacija protiv svinska chuma i besnilo

 

Вакцинација на сите кучиња и мачки

– Превентивната вакцинација против класична чума кај свињите, задолжително ќе се врши на целата територија на Македонија. Вакцинацијата ќе се врши во текот на целата година. Возрасните грла ќе се вакцинираат еднократно, а прасињата двократно, согласно упатството на производителот на вакцината. Во промет ќе може да се пуштаат само имуни свињи, односно свињи што се вакцинирани најмалку седум дена пред пуштањето во промет – велат во Агенцијата за храна. Ако не постои доказ дека свињите се вакцинирани, задолжително ќе се изврши вакцинација, а, во спротивно, свињите нема да може да се заколат. Ако болеста сепак се појави и свињите мора да се убијат, на сопственикот на животните му се исплаќа надоместок на штетата. Kај домашните животни дел од парите ќе бидат искористени за вакцинација против беснило.

– Во 2016 година, сите домашни кучиња и мачки треба да бидат вакцинирани против беснило на целата територија на земјава. Паралелно со вакцинацијата против беснило, животните задолжително треба да бидат и дехелментизирани со средство што дејствува против ехинококозата. Трошоците за вакцинацијата против беснило и дехелментизацијата во целост се на товар на сопствениците на животните – стои во Програмата. Бездомните кучиња и мачки кои привремено се задржани во прифатилиштата задолжително треба да бидат вакцинирани против беснило и испитани на лајшманиоза во Националната референтна лабораторија. Kучињата кај кои ќе се утврди позитивен тест на лајшманиоза треба да бидат еутаназирани. Вакцинацијата, дехелментизацијата, земањето мостри и дијагностичкото испитување и евентуална еутаназија во целост се на товар на општината.

И живината под лупа

Во текот на годинава Агенцијата за храна ќе спроведе целосен мониторинг и на живината заради утврдување можно присуство на птичји грип, а кај живината ќе се следи и њукаселска болест. Целата живина ќе се вакцинира против болеста двапати годишно со вакцина одобрена за таа намена. Kај копитарите ќе се испитува антракс, а коњите во цела држава ќе се вакцинираат превентивно. Kај пчелите во случај на сомнеж на американска чума на пчелното легло, сопственикот треба да го извести овластеното ветеринарно друштво со кое има склучено договор. Ловечките друштва, пак, и концесионерите на ловиштата треба да ги пријават и достават мршите од пцовисаниот дивеч до официјалниот ветеринар. Ловечките друштва, концесионерите на ловиштата и Националните паркови треба да ги пријават сите застрелани диви свињи и тие задолжително треба да се испитаат на присуство на класичната чума кај свињите и бруцелоза. Kај овците и козите ќе се испитува бруцелоза. Овците и козите позитивни на бруцелоза по добивањето на резултатот, ќе бидат заклани од нужда или еутаназирани и нештетно отстранети.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close