fbpx
ВестиТоп вести

СО ИПАРД СРЕДСТВА МОДЕРНИЗИРАНО И ПОВЕЌЕ ОД ДВОЈНО ЗГОЛЕМЕНО ПРОИЗВОДСТВО ВО „БИЛЈАНОВИ“

Со инвестиција од околу 250.000 евра, од кои половина преку ИПАРД програмата, месната индустрија „Билјанови“ од Струга го модернизира начинот на производство и речиси два и пол пати го зголеми производството. Ова беше истакнато на денешната посета на компанијата од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски и градоначалникот Рамиз Мерко.

 

Зголеменото производство за 150 отсто, преку инвестицијата, со помош на ИПАРД програмта, како што истакна Димковски, овозможи зголемување на капацитетот, подобрување на стандардите, примена на нова технологија, со цел зголемување на конкурентноста на домашното производство.

– Ова се позитивни случаи коишто во иднина би ги охрабриле и останатите фирми бидејќи единствен начин да се опстои на пазарот и да можеме да го одржиме нашето производство е преку инвестиција, внесување нови технологии и со зголемување на конкурентноста, рече Димковски.

Со двете апликации преку ИПАРД 1 и ИПАРД 2 програмата, како што информира директорот на платежната Агенција, компанијата набавила комори за термичка обработка на месо, ледомати, колички за термичка обработка, машина за мерење и етикетирање на месо, термофорирачка линија за вакум и пакување.

– На овој начин, се јакнат и осовременуваат домашните капацитети, се создаваат претпријатија, кои на домашните производи преку нивна преработка им додаваат додадена вредност со висок квалитет, а со тоа позитивно влијаеме на извозот и на домашната економија. Само со три повика за релативно кратко време успеавме да направиме апсорпција на средства и реализација на проекти кои реално го модернизираат агро – секторот, а сетоа тоа позитивно се одразува и на домашната економија, смета Бабовски.

Сопственикот на „Билјанови“, Славе Билјан, појасни дека компанијата се занимава со конзервирање и преработка на месни производи. Основана е од семејството Билјан, со шест генерациска традиција во бизнисот со месо.

– Нашите поризводи се продаваат на пазарот низ цела Македонија. Со средства од ИПАРД 1 набавивме автоматска линија за пакување, која многу ни го зголеми производството, а со ИПАРД 2 инвестиравме во пушници за термичка обработка каде добивме поголем квалитет на поризводот и зголемено производство. Пред инвестицијата имавме инсталиран капацитет од два тони дневно, со двете инвестиции се зголеми на пет тони дневно, појасни Билјан.

Инвестицијата ја поздрави и градоначалникот на општина Струга Рамиз Мерко, оценувајќи дека е многу важна за развој на локаната економија и подобар живот на граѓаните.

Извор: Локално

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close